X
 30.11.2017 Култура

Виктор Ефтимов: Размислував и да се откажам

Неговиот космополитски став кон светот се чувствува преку секој ред што го пишува. Иако пишувањето не е негова професионална определба, едноставно сака да го прави тоа, и го прави добро.



Виктор Ефтимов, студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Институт за компјутерски технологии и инженерство (КТИ), пишуваше секој четврток во изминатите 12 недели. Еве како се справи со предизвикот.

Како колумнист, учествувавте во натпреварот што траеше 12 недели. Што Ви беше најголем предизвик во пишувањето?
- Да, учествував како колумнист, меѓутоа, никогаш не го гледав како натпревар. Напротив, целото тоа случување за мене претставуваше поттик барем еднаш неделно да седнам и да напишам нешто. Токму поради тие причини и се пријавив на конкурсот за колумнисти, и навистина ми е мило што истрајав докрај. Најголем предизвик во пишувањето ми беше изборот на теми за колумните и начинот на кои ќе ги напишам, бидејќи првпат пишував колумни и сѐ уште немав изградено свој „колумнистички стил на пишување“.

Имавте ли проблем со инспирација? Размислувавте ли во некој момент да се откажете?
- Проблеми со инспирацијата се разбира дека имав. Имено, секоја колумна ја пишував последниот ден пред рокот за испраќање. Не затоа што имав премногу обврски, туку затоа што не ми текнуваше за што би можел да пишувам, а да биде интересно за читање. Дури имаше и период кога размислував да се откажам.

Водејќи се од ова искуство, што би им препорачале на оние што не се јавно промовирани, а сакаат да пишуваат?
- Најпрвин, би им препорачал редовно да пишуваат, ако не јавно, барем за самите себе. Тоа е најбитно, затоа што само така ќе стекнат навика во секое време и во секое расположение да умеат да напишат што било; а попатно, секогаш ќе се најде понекој конкурс за пишување на кој би можеле да се пријават. На крајот на краиштата, тука се и социјалните мрежи како место каде што можат јавно да го прикажат напишаното.

Најчитани колумни на Виктор:
1. Седмата страна на коцката
2. Далеку е Америка
3. За веганството и за другите (не)потребности

Сите колумни на Виктор може да ги прочитате ТУКА
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура