X
 05.12.2017 Образование

Астрид Салумец, наставничка од Естонија, за Факултети.мк ја објаснува тајната на успехот на естонските ученици

Во Естонија имаме ограничен број на ученици во паралелка, не може да бидат повеќе од 24. Кога имаме часови по јазици, на пример, групата треба да е и помала. Тоа е голема предност, на учениците можеш да им обрнеш внимание поединечно, да ги следиш како напредуваат – вели Астрид Салумец, наставничка во основното училиште „Tartu Veeriku Kool“ од Естонија.


Астрид Салумец, објаснува зошто е добар образовниот систем во Естонија

Ако се споредат  достигнувањата на македонските и на естонските ученици во три области - наука, математика и читање, резултатите се поразителни за нас. Тие светат портокалово, ние сино. Во превод, тоа значи дека ние сме на дното, тие речиси на врвот. Како го постигнуваат ова, по што е посебно нивното образование и што може да научиме од нив? Овие прашања ѝ ги поставивме на Астрид Салумец, наставничка во основното училиште „Tartu Veeriku Kool“ од Тарту, вториот град по големина во Естонија.
Таа со неколку свои ученици неколку дена престојуваше во Македонија како дел од проектот Find your balance.


estonija


Достигнувањата на македонските и на естонските ученици на ПИСА

Во Естонија се учи сериозно

Наставничката Салумец ни објасни дека тајната на успехот на естонските ученици е во учењето, добрите наставници и постепеното приспособување на учениците на повеќе обврски како што поминуваат во погорните одделенија.
- Учениците во Естонија учат со цел, имаат многу предмети, имаат домашни задачи. Некогаш сите ние знаеме да кажеме дека им е премногу, но во естонските училишта има навистина сериозно учење. Учениците работат исто така и дома. За повеќето предмети во повисоките одделенија имаат домашни задачи, но не и во пониските. Преминот кон обврските оди постепено, за да се навикнат на нив – објаснува Салумец.
Она што го прави добро образованието во Естонија се и квалитетните наставници.
- Сите, без исклучок, се исклучително квалификувани и искусни во работата, се даваат целосно. Децата голем дел од материјалот практично го совладуваат на училиште со помош на наставниците – вели таа.
Кога е во прашање бројот на часовите во естонските училишта, нема голема разлика, бидејќи и тие имаат од пет до седум часа и дополнителни часови, како и изборни предмети. Но, тука има ограничување во бројот на ученици во клас.
- Мојот клас, кој е седмо одделение, има од пет до седум часа дневно, некогаш имаат и дополнителни часови по странски јазици. Во Естонија имаме ограничен број на ученици во паралелка, не може да бидат повеќе од 24. Кога имаме часови по јазици, на пример, групата треба да е и помала. Тоа е голема предност, на учениците можеш да им обрнеш внимание поединечно, да ги следиш како напредуваат – вели таа.


Полагаат национален тест во деветто одделение

Високи критериуми при изборот на наставници


Во Естонија има и високи критериуми при изборот на наставници. Салумец вели дека е ценета професија, која ако не ја сакаш, не може ниту да ја работиш.
- Во почетокот мора да признаам дека немав некоја посебна желба да станам наставник, но со текот на времето многу ја засакав оваа професија. Сакам да работам со ученици и најголемо задоволство чувствувам кога ќе видам дека некој ученик напреднал, научил нешто повеќе. Кога ќе видам колку се горди на себе за успехот, ете тоа ми е најважно. Салумец објаснува дека учениците исто така имаат екстерно тестирање. Во шесто одделение наставниците и учениците не знаат по кој предмет ќе биде тестирањето, па никој не може да се подготви за тестовите. Во деветто одделениe, пак, имаат национално тестирање кое влијае врз понатамошното образование на ученикот.
Наставничката вели дека ова е повеќе проверка до каде се со знаењето. 
- Имаме екстерни тестови во деветто одделение, тоа е национално тестирање и ученикот полага математика, мајчин јазик и имаат еден изборен предмет. Се организира на крајот од годината. Резултатите од тестовите во деветто одделение се влез за во одредени средни училишта. На некој начин им е виза за подобро образование. Учениците воопшто не го доживуваат како стресно, навикнати се и го очекуваат.

Мобилните во училиштата се користат само за настава

Оваа наставничка ни раскажа дека се чувствуваат одлично во Македонија и дека и тие се борат технологијата да ја насочат целосно кон усвојување на знаење, но и кон физичката активност на учениците. Токму ова е поентата на проектот Find your balance, во кој соработуваат со наши училишта.
- Навистина има сѐ повеќе и повеќе технологија и тоа не можеме никако да го избегнеме. Треба да ја користиме, но само за добри цели. На пример, за учење нешто ново, за добивање некоја нова информација. Ние се трудиме да ги тргаме децата од технологијата кога има пауза во училиште, за да трчаат, играат, да се дружат. Факт е дека треба да ги потсетуваме на тоа. Учениците од Естонија навистина имаат многу активности, како музика, спорт. Се чини дека животот навистина им е во баланс со новите технологии, но секако има исклучоци – вели Салумец.



Мобилните телефони не им се забрануваат на учениците, но смеат да ги користат само за потребите на наставата. На пример, кога учителот ќе им каже дека може да ги користат бидејќи ќе им требаат за совладување на некоја лекција.
- Не им дозволуваме или се трудиме да не ги користат за време на паузите. Постојано им зборуваме дека тоа е време за одмор, за муабети со другарчињата, за дружење. Ги потсетуваме постојано и има ефект. Мобилните не им требаат секогаш, треба да имаат одмор и од нив, да се видат очи в очи со другарчињата – завршува Салумец.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Образование