X
 25.12.2017 Образование

Проф. Ратко Дуев, декан на Филозофски: Дали предлог-законот нуди вистинска финансиска автономија на универзитетите?

Подобрување има и во член 11 за кадровската автономија, за враќање на правото единиците без согласност од Министерството за финансии да распишат оглас за вработување за испразнето работно место поради престанок на работен однос на вработеното лице. Но, што со изгубените работни места во изминатите години, кој ќе ги надомести?


Проф. Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет

Начинот на финансирање на Универзитетот треба да се измени, заедно со застарениот модел на распределба на буџетските средства за плати на вработените. Колку е помала улогата на Министерството за финансии во законот, толку е поголема финансиската независност. Автономијата не е трезорско работење, вели проф. Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Дали новиот закон за високото образование ќе понуди финансиска автономија на универзитетите? Раководителите на високообразовните институции често знаат да кажат дека без финансиска автономија и можност за самостојно одлучување со вкупниот буџет, не може да се зборува за целосна независност. Каква беше ситуацијата досега и каква финансиска автономија имаа универзитетите?



Проф. Дуев во септември стапи на новата функција – декан на Филозофскиот факултет. Дотогаш беше продекан за финансии. Тој вели:
- Не може да се каже дека постоеше вистинска финансиска автономија. Универзитетите имаа право слободно да располагаат со своите средства, но тоа беше ограничено со годишни и квартални финансиски планови кои сѐ уште ги одобрува Министерството за финансии, кои од нејасни причини секогаш беа помалку од бараните. Сето ова го парализира работењето на универзитетите бидејќи им се оневозможуваше слободно да управуваат со финансиите иако реално ги имаа на сопствените сметки. Честопати трезорот доцнеше и до шест месеци со исплата на налозите кон економските оператори и авторските договори, што доведе до присилна наплата на долгови, а тие трошоци повторно беа на сопствената сметка. Да не зборувам за контролата на договорите на дело за ангажирање професори, стручњаци од пракса кои не се вработени на единиците иако не се исплаќаат од буџетски средства итн. – објаснува тој.



На прашањето каква финансиска автономија ќе обезбеди предлог-законот за високо образование, Дуев вели дека има подобрување во став 2, како компромис сметките да останат во трезор, да се овозможи слободно користење на сопствените средства без согласност од Министерството за финансии и одобрување на годишни и квартални планови и во став 4 за формирање фондови, еден вид компромис меѓу предлог-законите што беа доставени во последните неколку месеци до Министерството за образование.
- Подобрување да, но дали вистинска финансиска автономија? Подобрување има и во член 11 за кадровската автономија, за враќање на правото единиците без согласност од Министерството за финансии да распишат оглас за вработување за испразнето работно место поради престанок на работен однос на вработеното лице. Но, што со изгубените работни места во изминатите години, кој ќе ги надомести? Универзитетите се парализирани од недостиг на административен и помошно-технички персонал, половина единици немаат секретари, нема доволно наставници, асистенти. За споредба, за ист број студенти на еден факултет во Србија има тројно повеќе професори за студиска програма – појаснува Дуев.

Бидејќи сè уште е во фаза на предлог, Дуев се надева дека во текот на процедурата за донесување ќе бидат прифатени одредени забелешки за зголемување на финансиската автономија на универзитетите.
- Колку е помала улогата на Министерството за финансии во законот, толку е поголема финансиската автономија. Автономијата не е трезорско работење. Во предлог-законот нема ниту збор за платите на професорите. Факт е дека тие се најниски во регионот, помали дури и од Косово. Потребна е измена на начинот на финансирање на универзитетот, застарениот модел на распределба на буџетските средства за плати на вработените. Досега државата финансира делумно плати и греење. За наука одвојува 0,2 отсто. За зголемување на финансиската автономија, мора да се зголеми уделот на државата во научната инфраструктура, да се најде решение бидејќи ако се продолжи со долгогодишното неинвестирање во високото образование, тоа ќе биде неговиот крај. За да може во 2020 година Филозофскиот факултет да прослави 100 години од своето постоење, како прва високообразовна институција во нашата земја – вели тој.



Во предлог-законот за високо образование финансиската автономија е дефинирана во членот 10, кој се состои од пет става. Според нив, јавните високообразовни установи самостојно ќе располагаат со парите добиени од партиципација и/или школарина на студентите, како и со сопствените приходи. Располагањето со овие пари се уредува со општ акт на јавната високообразовна установа или на единицата на високообразовната установа. Во точката 3 пишува дека приватните високообразовни установи самостојно располагаат со сопствените приходи на начин утврден со статутот на високообразовните установи. Високообразовните институции можат да формираат фондови и да основаат други организации од сопствени приходи, од донации и други извори заради вршење научноистражувачка, уметничка, издавачка и применувачка дејност. Тие самостојно одлучуваат за акумулацијата на финансиските средства.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование