X
 17.02.2022 Издвојуваме

Како до многу наука со малку пари, интервју со проф. Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ

Средствата наменети за научно истражување се на исклучително ниско ниво или помалку од 0,00033 % од Буџетот на државата, споредено со околу 2 % во европските земји и околу 1 % во земјите од опкружувањето. Над 50 % од нив се наменети за покривање школарини во странство, што нема допирна точка со научноистражувачката работа, вели Јанкуловски

Според последното рангирање на универзитетите на „Вебометрикс“, УКИМ е најдобро рангиран универзитет во земјата. Но, споредено со рангирањата од претходната година, се забележува пад од сто места во последните шест месеци. На што се должи ова, што се смени за овие шест месеци и што сѐ се прави за подобрување на наставната програма, разговараме со проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ. Тој за Факултети.мк вели дека во моментов се работи на создавање на Националната иницијатива за отворена наука, за која се надеваат дека ќе доведе до поефикасно искористување на научноистражувачките, професионалните, материјално-техничките ресурси во државата и дека наскоро на неа ќе ѝ се придружат и другите универзитети од државава. За последните рангирања, како и за начините на нивно подобрување, Јанкуловски вели: Што се однесува до „Вебометрикс“, методолошките промени во процесот на рангирање се доста фреквентни и потребно е постојано да се следат. Во јануари 2021 година УКИМ донесе правила за поголема присутност на наставно-научниот кадар во интернет-просторот. Листата на „Вебометрикс“ во моментов дури 60% од рангирањето го базира на индикатори кои се однесуваат на интернет-сообраќајот и Google Scholar профилите на наставно-научниот кадар. Нашата проактивност искажана преку зголемување на бројот на профили на наставно-научниот кадар на платформите на Google Scholars, Research Gate и ORCID доведе до благо подобрување на нашата рангираност, што во тој момент беше и наш влез помеѓу првите 1.500 од над 30 илјади рангирани институции, односно помеѓу најдобрите 5% на планетата. За жал, потоа дојде до промена на методологијата на рангирањето и индикаторот за присутност е укинат.

Сега евалуацијата и рангирањето се изведуваат врз база на само 3 индикатори: евалуација на интернет-содржините и сообраќајот, како и отворениот пристап до податоци, што како индикатор носи дури 50% влијание, потоа индикатор за анализа на цитираноста на најдобрите 210 Google Scholar профили од институцијата со 10 % влијание и евалуација на научноистражувачката работа и извонредноста, преку индикатор за анализа на бројот на публикации, во списанија рангирани во 10 % најцитирани по научни дисциплини, согласно SCIMAGO ранг-листата на SCOPUS со 40 % тежинско влијание.

Ова доведува до нова прераспределба на тежинските влијанија на индикаторите, односно ренормирање на методологијата, што ги прави резултатите неспоредливи. Од наведените причини, сервисот „Вебометрикс“ истакнува дека поради честото менување на методологијата, историски гледано, резултатите не се компарабилни. Промената на методологијата и новите тежински фактори доведоа до извесен пад во позиционираноста на УКИМ на ранг-листите. И двете ранг-места (1.493. и 1.611.) се во рамките на варијациите карактеристични за вакви листи, кои се должат на промени во Вебометрикс-методологијата, а не на шестмесечни осцилации во квалитетот на универзитетите.



Дискусијата околу рангирањето треба да биде порака дека мора да бидеме поактивни и проактивни, да сработиме повеќе и да го зголемиме својот придонес кон заедничките цели. За среќа, резултатите што се постигнуваат во академското творештво се јавни, транспарентни, мерливи и споредливи, а ние веќе ја објавивме анализата на резултатите за нашите активности во научноистражувачката работа за последните 30 години, како и посебно за 2021 година на нашата веб-страница. Таа е правена според рефералната база SCOPUS.
Во анализата се опфатени научноистражувачките трудови за периодот 1991-2021 година, индексирани во базата SCOPUS и генерирана е листа на 160 автори, кои најмногу придонеле за УКИМ, при што секој од нив учествува во авторство на над 22 индексирани труда за анализираниот период.

Во рангирањето на „Вебометрикс“ се земаат предвид и новите истражувања на професорите и нивното влијание во светот. Колку и кои истражувања на УКИМ последната година се најзначајни и највлијателни?

- Интересно прашање на кое е речиси невозможно да се даде издржан одговор. Како прво, за мене не постои незначајна наука. Секое истражување е значајно. Кога тоа е прифатено во списанијата кои објавуваат резултати од научните истражувања и имаат значаен фактор на влијание, резултатите од истражувањето добиваат шанса да влијаат врз другите истражувачи во планетарни размери. Бројот на цитирања на една научна публикација укажува на влијанието што го има таа. Сепак, постојат научни дисциплини во кои дејствуваат огромен број истражувачи, некои се значително помали, така што земањето на цитираноста како единствен и универзален показател е несоодветно. Доколку трудот е објавен во 2021 година, неговата цитираност најверојатно до крајот на годината ќе биде многу мала, некои публикации објавени кон крајот на годината нема да бидат воопшто цитирани. Самиот процес на подготовка на научен труд трае извонредно долго. Ова е исклучително компетитивен и долготраен процес, во кој илјадници автори се обидуваат да печатат во најдобрите светски списанија. Кога на крајот трудот ќе се објави, дали е во ред јас или кој било друг да каже дека тоа е најдобриот или највлијателниот. Тоа ќе го покажат времето, цитираноста, применливоста на трудот, како и најразличните индекси со кои се оценува влијанието на еден труд или на еден автор. Во базата SCOPUS е листата од 572 публикации, кои се најдобрите истражувања на УКИМ за 2021 година.

Научните истражувања најмногу се финансираат преку европските фондови

Долги години наназад универзитетите се жалеа дека од државата се одвојуваат премалку средства за наука и дека тоа сериозно влијае врз квалитетот на нивната работа. Се промени ли нешто, каква е сега состојбата?

- Да, таа реалност за третирањето на научноистражувачката работа во државата е констатирана и многупати потенцирана, но за жал, без позначајни исчекори во насока на надминување на таквата состојба. Средствата што се издвојуваат за научноистражувачка дејност (НИД) изнесуваат помалку од 0,00033 % од Буџетот на државата, според Програмата за НИД за 2021, што претставува исклучително ниско ниво, споредено со просекот од околу 2 % во европските земји и околу 1 % во земјите од опкружувањето. Дополнително, од средствата што се издвојуваат од Буџетот за научноистражувачка дејност во нашата држава, над 50 % се наменети за покривање школарини во странство, што нема допирна точка со научноистражувачката работа. Тоа значи дека од и онака нискиот буџет, исклучително малку средства се насочени за поддршка на научноистражувачката работа и тоа за следните форми: поддршка на публикации печатени во списанија со импакт-фактор и индексирани во рефералната база на Web of Science (WoS) на Clarivate Analytics, како и проекти во неколку билатерални програми. Неопходни се итни мерки за поддршка на научноистражувачката работа, првенствено итно во основните форми за: финансирања на научноистражувачки проекти во сите научни подрачја и области, со јасни критериуми за испорачување резултати, што, заедно со истражувачката инфраструктура треба да создаде компетитивни услови. Претплати на индексациските бази за академската заедница на универзитетите во државата, од кои најпрестижна е WoS на Clarivate Analytics, а со голем опфат втора по значење е SCOPUS на Elsevier. Пристапи до научна литература и претплати на електронските библиотечни сервиси, како Science Direct.



Во услови кога отсуствува финансиска поддршка на науката, дали може да се идентификуваат други извори на средства кои се користат за финансирање на научноистражувачка работа?

- Најзначаен финансиер на научноистражувачките активности од кои произлегуваат најквалитетните научноистражувачки трудови се европските фондови. Европската комисија е на прво место, а потоа е Европската соработка за наука и технологии (COST), програмата Н2020 и други. Интересно е дека како поддржувачи на нашите научни истражувања се јавуваат министерства и институции од регионов и пошироко. Меѓу првите 15 спонзори на научноистражувачките активности на УКИМ ги нема МОН, Фондот за иновации, ниту која било од другите национални институции задолжени за развојот на научната мисла и технолошкиот развој во државава. За наука, покрај добар научен кадар, стандарди и проактивност, потребни се и време и финансиски средства. Во случајот на високото образование кај нас, очигледно е дека не може да зборуваме за посветеност на државата за обезбедување пристап до оптимални финансиски средства за наука, што влијае и врз квалитетот на научноистражувачката работа.
Податоците укажуваат дека УКИМ е носителот на научноистражувачките активности во државата, и тоа: 10 % од врвните цитирани публикации на планетарно ниво, научноистражувачката актива од државата учествува со 10,2 %, од кои на научниците на УКИМ им припаѓаат 10,1 %, односно неполни 100 % од опфатот на Македонија. Во 10 % највисоко цитирани списанија на светско ниво, индексирани во SCOPUS, автори на УКИМ публикувале 14,1 %, а целокупната научноистражувачка актива од државата учествува со 15,1 %, што значи 93 % од опфатот на земјава припаѓаат на УКИМ.

Владата лани одвои повеќе средства за наука преку МОН за обнова на научните лаборатории и за истражувачки проекти. Колку од нив се издвоија за УКИМ?

- Во втората половина од минатата година МОН одобри финансии за набавка на 37 научноистражувачки лаборатории за единиците на УКИМ, наменети за повеќе научноистражувачки подрачја, што е одлична активност која треба да биде стандард и континуирано да се применува во иднина. Поддршката се однесуваше на акредитирани лаборатории. На високообразовните институции во државата потребна им е научноистражувачка инфраструктура за да може академската заедница, студентите и наставно-научниот кадар да истражуваат, да иновираат, да развиваат нови процеси и технологии. МОН лани одвои средства за научноистражувачки проекти само за ограничена целна група, односно додели 7 проекти за јавни научни установи во државата, од кои 4 се придружни членки на УКИМ. Тоа е добар исчекор имајќи предвид дека цели 15 години во нашата држава ниту една институција не финансирала научноистражувачки проекти за академската заедница во државата. Се надевам дека многу брзо ќе следува стимулирање на поголеми инвестиции за истражување и развој, преку финансирање на проекти во сите научни подрачја. Тоа ќе придонесе кон повисока компетитивност на нашите истражувачки тимови при вклучување во меѓународни проекти и нивно влијание врз развојот на државата.

Што, според Вас, е потребно да се промени за да се зголеми квалитетот на работење на факултетите?

- Од надворешните причини за проблемот на работа на еден универзитет би споменал само дел: долготрајно нефинансирање на научноистражувачките активности од страна на државата; редуциран пристап до научноистражувачка литература и индексирачки бази на научноистражувачки публикации; пререгулираност во Законот за високо образование, по однос на стекнување на наставно-научните и научноистражувачките звања и законски решенија кои овозможуваат масовен пристап до овие звања, без запазување на квалитетот на научноистражувачката работа, односно неоставање простор, од законодавецот, на самиот Универзитет доколку сака да воведе повисоки критериуми и ефект на извонредност; исклучително ниски плати на наставно-научниот и истражувачкиот кадар; проблеми креирани од трезорското финансиско работење со меѓународните научноистражувачки проекти.
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме