X
 24.01.2018 Образование

Студентите и субвенциите: Сакаме нормален живот - со добра храна, помалку трошоци за книги и за пат до дома!

Реални поволности очекуваат идните академски граѓани, кои веќе се возат бесплатно во ЈСП, а гледаат и бесплатни претстави во театрите

Ова ќе биде големо олеснување за месечниот буџет на секој студент. Добро што се сетија да го направат. Секој студент преферира различни работи. Некој можеби повеќе сака книги, некој повеќе сака да оди во театар. Некој сака да заштеди на оброк. Толку малку сме имале поддршка и олеснувања во изминатите години, што и малку од ова да се реализира ќе биде добро, вели студент од трета година на Факултетот за физичка култура од Скопје по најавите на Владата дека во текот на годината ќе воведе повеќе субвенции за студентските потреби.


Проектот „Субвенциониран студентски оброк и други студентски потреби“ вчера беше усвоен на седница на Владата, а Министерството за образование и наука треба да изготви предлог-законски и подзаконски акти за да се спроведе проектот, најдоцна до 31 мај годинава.
Факултети.мк направи мала анкета помеѓу студенти од различни факултети за нивното мислење за идејата. Добар дел од нив го поздравуваат проектот, а дел не веруваат дека ќе се спроведе.

Проектот ќе се воведе по примерот на искуството на Словенија, каде што го има веќе десетина години. Тоа би подразбирало поголеми попусти за храна, автобуски превоз, влезници за театар, купување книги и слично, а ќе се спроведе со користење преку мобилен телефон или дигитална студентска картичка.

Студентка на ФИНКИ ни изјави дека поддршката за оброците би била многу важна.
- На пример, во бифеата на Машински и на Технолошки факултет дури и шише вода е поскапо отколку во продавница, а студентите поголем дел од денот го поминуваат на факултет. Во студентските домови до пред некоја година по 17 часот немаше ништо за јадење, не знам како е во моментов. За театар и досега имаме поволности со бесплатен ден, четврток, иако еден ден во неделата не е доволно. Исто така и за во кино. За по кафеани и кафулиња наоѓаме попусти најчесто преку страници за попусти. Мислам дека студентите максимално би ги користеле попустите. Исто така и за купување книги. Не мора да го чекаме Саемот на книгата за да си купиме поевтини книги – смета студентката од Делчево.



М.Т., студентка по психологија од Битола, најмногу би ги користела поволностите за поевтино да оди во театар и да си купи книги.
- Градскиот превоз во Скопје веќе е бесплатен, а по културата младите многу многу не се, за жал. Мислам дека повеќе би ги избрала поволностите за театар, купување книги, за превоз – вели таа.
Сретнавме и студенти што со недоверба гледаат на проектот. Таков е случајот и со студентка на Машинскиот факултет.

- Бесплатен превоз за студентите веќе има. Театар – еден ден во неделата е бесплатен, бесплатни книги кај нас, на Машински, има во библиотеката и никој не прави проблем ако се фотокопира нешто. Што значи, ниту за книги не фрламе многу пари. Со одредени приспособувања согласно финансиските можности – никогаш нема да ја стигнеме Словенија. Јас имам изгубено надеж за Македонија. Скептична сум дека ова ќе се донесе како закон и дека ќе се реализира. Проблем се многу работи во државата, кои не верувам дека многу ќе се сменат – категорична е апсолвентката.
Студентите што се сместени во некој од студентските домови имаат најголема потреба од реални субвенции. Тие прво тргнуваат од фактот дека големи субвенции се потребни за студентските домови, а особено мензите да заличат на пристојно место за исхрана.

Студентка на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, која е сместена во „Стив Наумов“, е категорична дека треба да се субвенционира реновирање на мензите во студентските домови.


- Треба да се намалат трошоците за престој во студентски дом и да се плаќа само за собата, а во мензата да има поголем избор на храна и да е повкусна. Да има повеќе здрава и безбедна храна, овошје и зеленчук. Зошто секое второ дете е дебело? Рекламираат здрава храна, а не дошле во менза да видат што јадеме. Нека биде поскапо, но повкусно и поздраво. Се разбира, по симболична студентска цена. Или, пак, велат „морало да се купи книгата“ - рекол професорот, затоа што нема да положиш. Имам идеја за ова. Зошто немаме account на УКИМ, зошто не си се најавуваме и не си ги симнуваме бесплатно тие книги, практикуми, презентации и сите помагала што ни требаат. Или ИКСА од 750 денари што ги плаќаме секоја година нека одат за оваа работа. Во однос на превозот, ние студентите што сме од цела земја патуваме за викенди дома. Цената на мојот билет до дома е 700 денари и сметам дека треба и овие карти да се субвенционираат? Ова е тоа што ни треба. Сакаме нормален живот - со добра храна, помалку трошоци за книги и за пат до дома! – вели категорично 23-годишната студентка.

Инаку, во последните неколку години студентите не плаќаат билет во автобус. Во однос на културните настани, во театрите имаат попусти, а некаде и бесплатни претстави. Во Драмски и во Македонскиот народен театар секој четврток има бесплатни претстави кои се од репертоарот на театрите. Оваа поволност, особено во МНТ, не може да се користи доколку претставата е копродукција или е лиценцирана. Во Драмски од неодамна за лицата до 29 години цената на влезницата изнесува 150 денари. Исто толку чини и студентите да гледаат претстава во „Театар Комедија“.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование