X
 25.01.2018 Живот

Дали претерувате во улогата на добар родител?


Мајка и дете се прегрнуваат
(Фото: Pixabay)


Може ли родителот да биде предобар родител? Преревносен? Веруваме дека може. И тоа не е добро.

Мајките и татковците им посакуваат сè најдобро на своите деца, сакаат да овозможат што повеќе, но со самото тоа се преоптоваруваат себеси, а на децата, наместо премногу, им даваат премалку. Како? Со самото тоа што се преревносни.

Ако сакате да проверите дали и вие сте еден од оние родители што претеруваат во улогата на добар родител, погледнете ги тезите што следуваат, па ако на повеќе од половина одговорите со „да“, тогаш треба да се прашате дали навистина сте добар и ефикасен родител.

1.    Дали ги фалите децата секој ден?

Пофалбите се добра работа, но не секогаш! Едно е кога детето е мало и само што почнува да учи – тогаш пофалбата е акт поврзан со процесот на учење, но како што расте, ако родителот продолжува со пофалби за секоја ситница, тогаш тоа веќе станува непотребно претерување. Ако сметате дека претерувате, намалете го бројот на пофалби и сведете ги само на вистински и заслужени. Натерајте го детето да ја заслужи пофалбата.

2.    Нудите премногу материјални награди

Ако поминеш одличен, ќе ти купиме велосипед. Ако бидеш добар во продавница, ќе добиеш камион. Ако изедеш сè, ќе ја добиеш куклата. Колку често вашето дете прави работи само за да добие награда? И што мислите, што навистина добива вашето дете со тоа? Што вие добивате освен што ги купувате тие работи?

3.    Очекувате малку или многуо д нив?

Денес премногу родители од своите деца очекуваат многу малку затоа што не сакаат да ги преоптоварат со одговорности за кои децата се способни. Преголем е бројот на оние што очекуваат премногу, но ако подобро размислиме, ни премногу ни премалку не е добро. Тоа не испраќа добра порака кон детето, не го подготвува за она што може и треба да знае да го направи на својата возраст.

4.    Не им поставувате никакви задачи?

Домот е место каде што децата најмногу учат – од своите родители и од секојдневните примери, но ако родителот до осмата и деветтата година на своето дете не му поставува никаква задача, како може да очекува тоа да биде подготвено да стане рамноправен член на семејството? Дете на четиригодишна возраст може и мора да знае да го среди нередот што го остава зад себе, да си ги обуе чевлите, да ги стави на место, да ги среди играчките... Ако сè уште сметате дека вашето дете е мало за такви обврски и не му дозволувате да придонесува во домот колку што може, треба навистина да се прашате дали тоа е најдобро за него и за вашето семејство?

5.    Постојано им повторувате една иста работа затоа што сепак вие ја знаете најдобро?


Потсетете се како ви било кога вашите родители секој ден ви зборувале едно те исто, а вие од инает не сте сакале да правите како што ви велеле, иако и тие сметале дека знаат најдобро? Како што вам ви било, исто така ќе им биде и на вашите деца. Затоа, пуштете ги да го научат тоа на сопствен начин.

6.    Им помагате и кога не бараат помош од вас?

Сетете се на банален пример како отворање вреќичка смоки, бонбони, врзување на врвките... да, можеби вие го правите тоа побрзо и повешто, но зошто не му дозволите на детето да научи само да го прави тоа? Без мака, нема наука. Тоа барем го знаете и вие.

7.    Верувате дека е подобро да се спречат нивните грешки?


Дури и кога сте стопроцентно сигурни дека вашето дете само што се подготвува да направи грешка (се разбира, тука се мисли на обични, детски, секојдневни активности) – оставете го да погреши. Тоа е најдобрата школа – дури и кога се подготвува да ја повтори грешката. И самите знаете дека најдобро се учи од грешките, дека секоја грешка може да се поправи и дека вашето дете мора да стекне искуство за да прифати дека тој начин не е најдобар.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот