X
 02.03.2018 Образование

Реакција на Ратко Дуев, декан на Филозофски: Да се тврди дека во Македонија нема стручен кадар за психолошки тестови е голема грешка!

Деканот на Филозофскиот факултет реагира на образложението со кое се укинуваат психолошките тестови за директори на државни агенции, училишта и други институции, а во кое се вели дека нема стручен кадар за да ги направи.



Како декан на Филозофскиот факултет морам да реагирам на образложението за измените во Законот за административни службеници со кои се укинува психолошкиот тест како услов за вработување на државните службеници, во кое се нагласува дека нема стручен кадар што ќе развие соодветни психолошки тестови.

Институтот за психологија, со тоа и студиската програма по психологија, постои веќе 44 години. Резултат на долгогодишната работа се 1749 дипломирани психолози, 30 магистри и 25 доктори на науки. На студиската програма по психологија предаваат професори кои во своето професионално доусовршување престојувале на врвни универзитети во САД и во Европа, а се и автори на голем број учебници и статии со импакт-фактор објавувани во реномирани светски научни списанија. Во последните години најголем интерес за студирање на студиските програми на УКИМ е токму програмата по психологија, имаме 5 пати поголем број на заинтересирани кандидати од одобрените места со конкурсот за упис. Филозофскиот факултет во соработка со Комората на психолози (кои се поранешни студенти на Филозофскиот факултет) секогаш давал поддршка на развојот на психолошките тестирања.

Образложението дадено за измените во Законот не соодветствува со реалната состојба во оваа област, со што нејасното омаловажување на цела една научна и стручна фела е обид да се избегне нечија индивидуална одговорност.

Веројатно предлагачите на измените во Законот имале причина за таквиот потег, во што не сакам да навлегувам иако причините во најголем дел ѝ се познати на академската јавност. Затоа треба да се лоцира индивидуалната одговорност во досегашните искуства. Но да се тврди дека во Македонија нема стручен кадар за психолошки тестови, да се создаде една колективна одговорност и мислење со кое се брише постоењето на психологијата како наука во нашата земја, е голема грешка.

Досега не сме добиле официјален допис за мислење по ова прашање, ниту пак е побарано од Филозофскиот факултет стручно мислење за развивање соодветни психолошки тестови. Сметам дека доколку ресорните министерства и предлагачите на измените во Законот побараа стручно мислење од Факултетот, ќе имаа јасна слика за да можат да го искористат потенцијалот во оваа област за доброто на својата политика и за подигнување на квалитетот на изборот на лица за раководни позиции на одредени институции.

Проф. Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование