X
 30.03.2018 Култура

Ернесто Сабато: „Човек може да ја достигне вечноста само ако се соживее со моментот“


Планински масиви
(Фото: Pixabay)


Има денови кога станувам со луда надеж, моменти кога чувствувам дека можностите за похуман живот ни се на дофат на раката. Ова е еден таков ден.

И тогаш, седнувам да пишувам во зорите речиси инстинктивно, набрзина, како што човек соочен со опасност од пожар истрчува надвор на улица да побара помош, или како што брод кој почнал да тоне испраќа последен, молбен повик во правец на блиското пристаниште чии жители, меѓутоа, се заглушени од градската врева, а погледот им е замаглен од светлините на рекламните паноа.

Ве молам да застанеме и да размислиме за величината кон која се стремиме доколку се осмелиме животот да го вреднуваме на поинаков начин. Ве молам да ја собереме потребната храброст која ќе нè смести во вистинска човечка димензија. На сите ни се случува кога-тогаш да потклекнеме. Меѓутоа, има нешто што нè изневерува, а тоа е убедувањето дека духовните вредности – единствено тие – можат да нè спасат од овој потрес што се заканува на човечката судбина...

...Телевизијата нè става на Танталови маки, нè прави зависни. Сметам дека дејството на телевизијата е нешто помеѓу волшебно и злокобно кое доаѓа од прекумерната количина на светлина што нè привлекува со сета своја сила. Не можам, а да не се потсетам дека таа на ист начин влијае и врз инсектите, па дури и врз покрупните животни... Трагично е што човекот ја губи способноста да разговара со другите луѓе и да го препознава светот околу себе, го губи она што секоја средба го овозможува – љубовта – а тоа се нешта кои всушност се врвни изрази на животот...

...Човекот се навикнува пасивно да ги прифаќа сите напади врз неговите сетила. А тој пасивен став на крај прераснува во ментално покорство, во вистинско робување...

Меѓутоа, има начин да придонесеме во заштитата на човештвото, а тоа е да не се помируваме со состојбата каква што е. Да не гледаме со рамнодушност како од нашиот видокруг исчезнува неизмерното богатство на светот што нè опкружува, со сите свои бои, звуци и мириси...

Нема друг начин човекот да ја достигне вечноста отколку да се соживее со моментот, ниту има друг начин да дојдеме до општото, освен преку нашиот поединечен живот: денес и овде. И тогаш – што? Треба одново да го вреднуваме ова мало место во кое живееме и овој краток живот што го имаме, кои немаат ништо заедничко со оние преубави предели што можеме да ги видиме на телевизија, но кои на посветен начин се проникнати со човечноста на луѓето кои таму живеат...

Ако ја изгубиме способноста да создадеме амбиент на убавина во малечкиот свет што нè опкружува и ако имаме слух само за работата, толку често дехуманизирачка и натпреварувачка, како тогаш би биле способни да пружиме отпор?


Ернесто Сабато
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура