X
 18.02.2024 Технологија

Запознајте го ватиканскиот гуру за вештачка интелигенција

Францисканецот Паоло Бенанти им го привлече вниманието на највисоките кругови откако ја доби поддршката од папата Франциск и италијанската премиерка Џорџија Мелони за неговиот концепт на „човечка“ вештачка интелигенција.

Бенанти е главен советник на Ватикан за вештачка интелигенција, улога чија важност пораснала заедно со загриженоста на папата за ваквата технологија, која беше искористена минатата година за создавање лажни слики од папата.

Нагласува дека технологијата би можела да нѐ промени бидејќи луѓето ја предаваат моќта на алгоритам кој нè познава премногу добро и ја третираат вештачката интелигенција како идол, пророштва и полубогови.

50-годишникот го оставил својот политички белег со стратешкиот документ „Римски повик за етика на вештачката интелигенција“, кој е клучен за напорите на Светата столица да воспостави основни морални правила за технологијата во развој.

Овој сет на основни принципи: транспарентност, вклученост, одговорност, непристрасност, доверливост, безбедност и приватност за дизајнот на вештачката интелигенција, доби поддршка од технолошките гиганти „Мајкрософт“ и ИБМ, верските лидери низ светот, италијанската влада и Обединетите нации.

- Најголемиот ризик е вештачката интелигенција да се користи за донесување одлуки за животите на луѓето на прикриен, недемократски начин - изјавил Бенанти.

Тој истакнува две области кои го загрижуваат: првата е влијанието што вештачката интелигенција може да го има врз работните места, особено сега кога е контролирана од големите технолошки монополи, а втората е многу едноставно, но исто така многу веројатно сценарио во кое луѓето стануваат премногу зависни од вештачката интелигенција, за извршување на наједноставните задачи.

- Мораме да им ја вратиме на луѓето способноста да донесуваат одлуки според нивната совест - истакнал тој.

Тоа не значи дека тој не ја гледа и не верува во позитивната страна на оваа технологија. Бенанти посочува дека, на пример, генеративните системи за вештачка интелигенција би можеле да се обучуваат за огромната ризница на црквата, со свети списи и религиозни текстови.

- Може да се изгради интерфејс што ќе го направи ова религиозно знаење достапно за сите култури и општествени класи. Текстуалното и уметничкото наследство на Црквата е проткаено со комплицирани симболи. Вештачката интелигенција може да ги објасни на поедноставен начин - изјавил Бенанти.

За односот на папата кон вештачката интелигенција, Бенанти изјавил: „Папата е главно загрижен за ефектот што вештачката интелигенција може да го има врз постарите лица и најранливите меѓу нас. Тој се плаши дека вештачката интелигенција може да ги размножи неправдата и нееднаквоста“.

Извор: N1info.hr

Фото: Facebook

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија