X
 18.05.2023 Здравје

Може ли „дигиталната психијатрија“ да помогне за проблемите со менталното здравје?

На интернет може да се најдат илјадници апликации за ментално здравје. Но, дали тие алатки вредат за трудот и парите?

Пандемијата на ментални нарушувања трае со децении, а ковид-19 само ја влоши ситуацијата. Самоубиството е четврта најголема причина за смрт кај младите, а лицата со тешки психички проблеми умираат прерано поради состојби кои инаку би можеле да се спречат. Анксиозноста и депресијата се зголемуваат низ целиот свет, особено кај жените и младите. Здравството не нуди соодветна помош за овие проблеми, па затоа се појавува таканаречената „дигитална психијатрија“, која нуди автоматизирани решенија.

Во развојот на апликации и други алатки за следење на менталното здравје во последните три години биле вложени над 10 милијарди долари. Според „Делуат“, на пазарот има околу 20.000 апликации за ментално здравје.


Фото: Pixabay

Ваквите апликации најчесто им помагаат на корисниците да се вклучат во водена медитација, вежби за свесност, управување со анксиозноста и други активности. Поголемиот дел од нив нудат бесплатни верзии, а пристапот до целата содржина и персонализирани алатки се наплаќа. Во овие апликации се посочува дека не се наменети за клиничка употреба, па така компаниите што стојат зад нив се откажуваат од одговорност.

Неодамнешно истражување покажало дека апликациите „Калм“ (Calm) и „Хедспејс“ (Headspace) нудат скромни подобрувања во врска со свесноста, благосостојбата, стресот, тешкотијата и депресијата. Затоа, некои психолози им ги препорачуваат на пациентите како дополнителна алатка за помош, но не за единствен начин на помош.

Дигитални психијатриски платформи

Во последно време се нуди и софтвер кој на докторите им помага подобро да се грижат за пациентите. Платформата „Трак стар“ (TrakStar) помага во управувањето на вид терапија со магнетна стимулација, а „Мајнд Лемп“ (MindLAMP) собира информации за начини на спиење, физички активности и симптоми.

Експерти од Технолошкиот институт во Масачусетс со години работат на алгоритам за машинско учење кој ја открива тежината на симптомите на депресија кај пациентите. Други експерти работат на слични апликации за управување со анксиозност, како „Мајндшифт ЦБТ“ (MindShift CBT).



Кои се етичките граници?

Некои фирми ги тестираат етичките и правните граници во грижата за пациентите.

Платформата „Коко“ неодамна признала дека користи вештачка интелигенција наместо луѓе за да им даде емоционална поддршка на корисниците без нивна согласност. Во САД се истражува фирмата за телемедицина „Серебрал“ (Cerebral) поради прекумерно препишување на одредени лекови без претходна лична процена.

Истовремено, одредени сигурносни пропусти во системите на некои вакви апликации довеле до протекување на податоци од пациенти. Во ваков случај со фирмата „Вастамо“ (Vastaamo) околу 30.000 луѓе добиле барање за откупување на сопствените податоци од хакери.


Фото: Pixabay


Некои фирми намерно делеле податоци. Онлајн платформата „Бетер хелп“ (BetterHelp) од луѓето барала да ѝ дадат чувствителни здравствени информации ветувајќи целосна приватност, а потоа ги испраќала тие податоци до социјални мрежи како „Фејсбук“ и други огласувачи.

Проблем наместо решение

Медицинските експерти сметаат дека е малку веројатно дека дигиталната психијатрија во целост ќе ги замени докторите, барем не наскоро. Засега не постојат научни докази кои би ја поддржале ефективноста на оваа технологија. Квалитетот на односот помеѓу пациентот и терапевтот е клуч за успешна терапија, според експертите.

Освен тоа, експертите стравуваат дека дигиталната психијатрија може дополнително да ги влоши проблемите што сакала да ги реши, како пристапот до квалитетна услуга. Ако навреме не се регулира нивното дејствување, фирмите за ментално здравје би можеле да профитираат од оние што не може да си дозволат традиционални услуги, нудејќи евтини, но неефективни третмани.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Pixabay

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје