X
 19.04.2019 Наука

Коски на досега непознат голем африкански лав со децении стоеле во музеј во Кенија

Во Африка е откриен досега непознат вид на гигантски цицач и тоа откако научниците анализирале коски кои со децении стоеле во музеј во Кенија.

Видот го доби името „Simbakubwa kutokaafrika“, што на свахили значи „голем африкански лав“, а научниците велат дека големиот ѕвер живеел на подрачјето на Источна Африка пред 20 милиони години.

Лавот ѝ припаѓал на сега веќе изумрената фамилија хиенодони, а ова откритие би можело да објасни што всушност се случило со таа група цицачи. Името го добиле затоа што нивните заби се слични на оние на денешните хиени, кои всушност немаат никаква врска со нив.

- Судејќи по нивните огромни заби, големиот африкански лав бил специјализиран хипермесојад кој бил значително поголем од денешните лавови, а можеби и од поларната мечка - истакна научникот Мтју Бортс.

Токму тој ги „открил“ коските на изумрените ѕверки кога во 2013 година побарал од вработените во Националниот музеј во Најроби да му овозможат пристап до делот означен со зборот „хиени“.

Бортс меѓу нив наишол на вилица и други коски на големиот африкански лав, кои заедно со остатоци од хиени таму биле уште од 70-тите години, кога биле ископани на наоѓалиште во Западна Кенија.

Бортс ги анализирал остатоците од 2017 година, заедно со неговата колешка Ненси Стивенс, а нивното откритие беше објавено оваа недела.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука