X
 19.11.2023 Живот

Најдобрите и најпаметните во светот се преселуваат во овие земји

Швајцарија е повторно најконкурентна земја во светот за таленти, покажува Глобалниот индекс за конкурентност на таленти за 2023 година од страна на бизнис-училиштето ИНСЕАД.

Оваа европска земја го држи првото место десет последователни години, придобивајќи од високите нивоа на социјална заштита и квалитетот на нејзината природна средина, се истакнува во извештајот.

Слично на тоа, Сингапур се задржа на второто место благодарение на својата високообразовна работна сила и иновативната економија. По Сингапур следуваат САД, кои се искачија на третото место откако го зазедоа четвртото на рангирањето во 2022 година.

Годишниот извештај мери како 134 земји привлекуваат, растат и го задржуваат својот талент. Првите десет земји останаа стабилни во текот на изминатата деценија, при што Швајцарија и Сингапур постојано се наоѓаат на врвот на топ-листите како јасни лидери.

zemji
Фото: INSEAD

- Во текот на изминатата деценија видовме нераскинлива врска помеѓу богатството на една земја и нејзината конкурентност на таленти, при што побогатите економии продолжуваат да ги надминуваат посиромашните - пишува во извештајот.

Други европски земји што се најдоа на листата се Данска, Холандија, Финска и Норвешка, на четврто, петто, шесто и седмо место. Австралија се најде на осмо, а Велика Британија на десетто. Кина се искачи од 47. на 40. место.

Индија, за која се прогнозира дека ќе стане трета економија по големина до 2030 година, се најде на 103. место.

Поголема „војна на таленти“

Конкуренцијата за таленти на земјите ќе стане пожестока во следната деценија бидејќи неизвесностите и меѓународните тензии продолжуваат во трговијата, инвестициите и политиката.

- Можеме да очекуваме повеќе војни за таленти - се вели во извештајот и се додава дека квалитетот на животот и одржливоста ќе бидат „клучна предност“ за земјите кои се наметнуваат да станат центри за таленти.

Дополнително, појавата на вештачката интелигенција во различни индустрии може да ја влоши разликата помеѓу талентите.

- Неквалификуваната или нискоквалификувана работна сила ќе сноси голем дел од дополнителниот притисок, додека новите категории работници, некои со повисоки вештини, ќе страдаат од посилната конкуренција од алгоритми и специјализирана опрема - стои во извештајот.

Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот