X
 20.05.2016 Наука

Фантастични научни откритија направени од деца

Додека повеќето од нас сѐ уште не знаат што би правеле со својот живот, низ светот постојат или постоеле деца кои уште како мали стигнале до неверојатни научни откритија. „Livescience“ ги наброи најголемите научни откритија до кои стигнале децата.

Сувенир стар 10.000 години

Во 2014 година, еден десетгодишник играл во песок на плажа во Њу Џерси кога ископал врв од стрела стар 10.000 години. Родителите на детето не сакале да биде именуван во медиумите и го контактирале Археолошкото здружение во градот, каде било откриено дека се работи за вреден археолошки артифакт кој домородците го користеле за лов на птици и риби.

Изненадување на небото

Во 2013 година, канадскиот десетгодишник Нејтан Греј станал најмладата личност која некогаш открила супернова, односно ѕвезда која експлодира. Младиот астроном имал помош од татко си и до откритието не стигнал случајно. Ноќното небо го набљудувал цели 6 месеци.

Муви без глави


Следниот пат кога за задача ќе имате да направите експеримент по биологија, потрудете се повеќе. Експериментот на Симон Маренда од САД поттикнал големо истражување на универзитетот „Дракслер“. Симон го истражувал влијанието на вештачките засладувачи и шеќери на муви. Симон заклучил дека еден засладувач не е здрава замена за шеќерот, а неговиот татко, кој бил научник во универзитетот, го продолжил истражувањето и открил дека засладувачот содржи хемиско соединение кое е отровно за инсектите, но не е опасен за луѓето и може да се користи како инсектицид.

Детектив за габи

Повеќе од една деценија, жителите во јужна Калифорнија се разболувале, а во некои случаи и умирале, кога доаѓале во контакт со габи наречени Cryptococcus gattii. Овие габи биле причина за болест, но научниците не можеле да откријат како жителите доаѓаат во контакт со габите. Проблемот го решила Елан Филер, ученичка во седмо одделение. Татко и` ја поттикнал да се обиде да открие каде живее оваа опасна габа за време на проект по биологија. Никој тоа не го очекувал, но малата Елан открила дека три стебла се заразени со овие габи, а нејзиното истражување го продолжиле научници од универзитетот „Дјук“.

Откривање диносаурус

Во 2009 година, средношколецот Кевин Терис во рамки на училишен палеонтолошки проект го истражувал националниот парк „Grand Staircase“ во сојузната држава Јута. Тој воопшто не очекувал да наиде на остаток од млад парасауролофус. Се работи за диносаурус кој имал клун како патка, а одел по земјата пред неверојатни 75 милиони години. Костурот кој го пронашол Терис е најмал и најзачуван од овој диносаурус.

Мал археолог

Таткото на деветгодишниот Метју Бергер работел како археолог на ископувањата во близина на Јоханезбург. На работа го земал и своето дете. На малиот Бергер му било здодевно и тргнал малку да истражува. Додека татко му со тимот безуспешно барале фосили, младиот Мет пронашол костур од дотогаш непознат хоминид Аустралопитекус седиба. Коските кои ги пронашол се стари 2 милиони години.
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука