X
 20.12.2021 Живот

Недела станува ден за одмор, вработените во трговските центри ќе добиваат дупла дневница

Со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“ пратениците во Собранието го усвоија Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кој недела станува ден на неделен одмор, соопштија од Владата.

- Од први јануари недела ќе биде ден за неделен одмор за 92% од работниците - порача министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска по повод изгласувањето на Законот за работните односи со кој се утврдува недела како неработен ден.

Шахпаска рече дека со ова законско решение овозможува воспоставување рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за негова мотивација и поголема ефикасност на работното место.

- Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои поради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50% повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Непочитувањето на ова законско решение го утврдува Државниот инспекторат за труд и на работодавците кои ќе го прекршат Законот ќе им се забранува работа од 15 дена, а доколку го повтори прекршокот во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа работодавецот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата - рече Шахпаска.

Таа додаде дека вработените во трговските центри што ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100%. Дополнително, 2% од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.

Фото: Архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот