X
 21.03.2022 Издвојуваме

Нови пазари секогаш се можни, ама факторот време е во прашање, вели академик Абдулменаф Беџети

За енергетската и економска криза што ја зафати земјава уште за време на пандемијата и нејзиното продлабочување со случувањата во Украина, за согледувањата на можните решенија, како и за начините за нејзиното надминување, Факултети.мк разговараше со академик Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа

Како енергетската криза што Македонија ја почувствува уште лани, а се надоврза на пандемијата, влијаеше врз економијата во државава? Колку владините мерки помогнаа да се ублажат последиците и што може уште да се направи?

- Секако дека многу влијаеше. Пред сѐ, од причина што земјава беше ептен неподготвена. Уште во текот на летото, можеби надевајќи се на есенски дождови, речиси сите водни акумулации се потрошија и се доведоа на историско најниско ниво, барем во последната деценија. Структурата на енергетскиот биланс, како и изворите на електрична енергија кај нас, е многу лоша. Ние од продуктивен аспект во најдобрите времиња одвај произведуваме околу 4 теравати годишно, а трошиме 6. Воедно, и во овој случај структурата на изворите повторно е над две третини на термооснова, а само една третина е на хидро. Околу 30 % од потребната електрична енергија ги увезуваме, главно од соседството, кога околностите го овозможуваат тоа. Излезот е во нови зелени инвестиции, пред сѐ, во сончева енергија. Со глобалното затоплување, и бројот на просечните денови со сонце е зголемен. Од некогашните 247 дена е зголемен на 260 сончеви дена во годината. Освен ова, потребно е колку што е можно побрзо да се почне со инвестициската градба на Чебрен и Галиште, макар и со зголемување на јавниот долг (ама само по оваа основа) дури и за дополнителни 6-7 %.

Колку и какво влијание врз економијата има зголемувањето на цените на нафтата и на гасот на светските пазари, предизвикано од случувањата во Украина? Кој најмногу ќе ги почувствува последиците? Какво е влијанието врз компаниите, а какво врз граѓаните? Што може да направи државата?

- Засега никој со голема точност не може да ги процени овие влијанија, пред сѐ и поради времетраењето на оваа неразумна војна. Како електричната енергија, така и нафтата и гасот многу влијаат и врз стопанството и врз граѓаните. Кај стопанството овие се најизразени инпути, кои секако и најмногу влијаат врз производствената цена на производите и услугите. Кај граѓаните, Владата преку давачките засега речиси ги неутрализира енергетските цени, ама не и кај стопанството. Ова само го пролонгира малку проблемот бидејќи ефектот ќе пристигне кај граѓаните со мало задоцнување (Time lagg). Кај стопанството, доколку состојбата со војната потрае, ќе биде потребно дополнително да се субвенционираат гранките што се на удар, пред сѐ, транспортот на стоки и на луѓе (вклучувајќи ги и такси-услугите), потоа кај земјоделците - субвенции за пролетната сеидба и слично. Сепак, и можностите на државата се многу ограничени. Неодамнешниот пакет-мерки, по тежина (фискална), но и структура, е далеку поголем отколку во многу посилни и поразвиени држави од нас, како Словенија или Хрватска, на пример. Сѐ ќе зависи од состојбите и времетраењето на руската инвазија врз Украина.



Колку влијанието на економските текови во Европа предизвикано од случувањата во Украина ќе се одрази врз македонската економија? Може ли да се очекува уште поголема криза и кои би биле решенијата за таа полесно да се преброди?

- Ние немаме некоја голема трговска размена или, пак, инвестициска активност ниту со Украина ниту со Русија. Но, имаме индиректно голема зависност од Европа, која пак е доминантно зависна од нив, и тоа од двете! Еве деновиве веќе почнаа првите негативни ефекти преку автомобилската индустрија, за која работат наши компании тука. Доколку потрае војната, дури тогаш европските ефекти ќе влијаат врз нас. Овие се фактори кои ниту зависеа од нас ниту, пак, ние имаме некое влијание. Единствено треба дневно да ги следиме состојбите и максимално инвестициски и будно да реагираме, колку што е можно, затоа што можностите ни се ептен ограничени. Во претходните две години, поради здравствената криза, ние речиси целосно го потрошивме фискалниот простор преку зголемувањето на јавниот долг од околу 12-13 % во последните две години. Единствен простор засега ни останува „војување и намалување на неформалната економија“, која пак во време на криза има растечка преференција и тренд.

Уште лани предупредивте на опасност од инфлација. Каква е сега состојбата? Што може и што треба да се направи?

- За жал, повторно бев во право! Кога во ноември најавив 4-5 % годишна стапка на инфлација, многумина ме нарекоа „претеран песимист“! Ама уште тогаш сите релевантни институции и бизнис-проекции, на пример, JP Morgan Investment Outlook 2022, поради зголемената глобална побарувачка, пред сѐ, на Кина и САД, најавија дека е можна повисока инфлација, при што една мала и отворена економија како нашата најмногу е подложна на такви влијанија. Секако, повисоката инфлација ни ги врзува рацете и за понатамошни фискални експанзии поради координирање со монетарните политики, при што може да дојде и до истиснување на инвестициите и потрошувачката. Во овој дел мора да се дејствува координирано и да се менаџира „миксот на политички, фискални и монетарни“ политики, за да се избере помалку лошиот резултат. Овие комбинации, па дури и техники се познати и мислам дека тука нема да има проблем и поради сличната „школа на економска мисла“, која ја имаат и двајцата најважни актери што ги дизајнираат овие политики - министерот за финансии и гувернерката.



Што да се направи во услови кога за македонските компании се затвораат дел од пазарите со кои досега соработуваа? Колку ќе помогне да се надмине кризата ориентирањето кон нови пазари, и кон кои? Можно ли е тоа брзо да се направи?

- За жал, последиците се можни на краток рок, а решенијата на среден или на долг рок. Нови пазари секогаш се можни, ама факторот време е во прашање. Ништо не е неможно, дури некојпат и подобри решенија се наоѓаат. Знаете, мозокот работи инвентивно кога сте под притисок и не случајно за кризите велам дека се шанса, ама само за поединци кои креативно размислуваат и дејствуваат. Економијата, особено на макрониво, не е линеарен феномен, туку постојано е во осцилации. Дури преку нови решенија таа е во постојана промена. Сепак, на микрооснова, лесно е да се каже, ама тешко да се прави, секоја промена носи тешкотии од финансиски аспект, па сѐ до човечките ресурси. Но, алтернатива нема, мора постојано да се навикнуваме и да дејствуваме во нови околности. Кој нема таква енергија, ќе го снема.

Може ли идејата за регионална соработка преку „Отворен Балкан“ да им помогне на земјите од регионот полесно да ја пребродат кризата? Што е клучно да се направи?

- Уште на времето, а сега уште повеќе поради постојните политички проблеми сум скептик за оваа иницијатива. Несомнено тука поради однесувањата на Србија, која сака економски „пазари“, ама не и политичка рамноправност. Затоа, во вакви поединечни однесувања таа иницијатива, барем кај доминантен дел од земјите од Западен Балкан, нема да функционира. Србија со сите, освен привидно со Македонија, е во отворен спор, некаде директен некаде индиректен. Дури и со Албанија е во спор (поради Косово), со Босна и Херцеговина поради Република Српска, со Црна Гора исто така. И ако се гледа тука заедничкиот именител, како пречка насекаде се појавува Србија. Ова се фактите, демагошките ставови во српската дипломатија се друга работа. Но тоа веќе не вреди!
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме