X
 21.06.2023 Наука

Турбуленциите на летовите стануваат сѐ почести поради климатските промени

Според ново истражување, една форма на турбуленции се влошила поради климатските промени. Станува збор за турбуленции кои се формираат на небото без облаци и обично се невидливи за радарите на авионите, а се нарекуваат „чисти воздушни турбуленции“. Овие турбуленции ќе стануваат почести како што се загрева планетата, предупредуваат експертите.

Според неодамна објавено истражување, тешките воздушни турбуленции веќе станале почести. Бил забележал пораст од 55 отсто во турбуленциите кои се формираат на чисто небо над северниот дел од Атлантскиот океан помеѓу 1979 и 2020 година. Истражувањето исто така покажало и значително повеќе турбуленции по популарните рути низ Европа, Блискиот Исток, јужниот дел од Атлантскиот океан и источниот дел од Тихиот океан.

- По една деценија истражување кое покажува дека климатските промени ќе ги зголемат турбуленциите на чист воздух во иднина, сега имаме докази кои сугерираат дека зголемувањето веќе започнало. Авиокомпаниите треба да почнат да размислуваат како ќе се справат со зголемените турбуленции - изјавил Пол Вилијамс, еден од авторите на истражувањето.

Турбуленциите веќе ги чинат американските авиокомпании стотици милиони долари годишно поради повреди на патници, доцнење на летови, оштетување на авионите, а секоја дополнителна минута лет во турбулентни услови ги зголемува тие ризици.

За жал, чистите воздушни турбуленции е особено тешко да се избегнат. Радарот на авионите може да ги предупреди пилотите за турбуленциите во бура, но бидејќи радарот детектира капки вода во облаците, во суштина е „слеп“ да ја препознае воздушната турбуленција, која се јавува кога нема облаци на повидок. Овој тип на турбуленции е предизвикан од разликите во брзината на ветерот на различни надморски височини.

Млазните потоци стануваат сè похаотични бидејќи емисиите на стакленички гасови од фосилните горива го загреваат најнискиот слој на атмосферата на Земјата, тропосферата. Тоа го поттикнува порастот на турбуленциите на чист воздух, објаснила Изабел Смит, метеоролог и докторанд на Универзитетот во Ридинг, која не била вклучена во истражувањето.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука