X
 22.11.2018 Образование

Студентите од „Гоце“ три дена без топла вода, најдоцна до вечер ќе се реши проблемот, најавуваат одговорните

Студентите од блок Б од „Гоце Делчев“ три дена немаат топла вода. Пукнат вентилен систем е причината, објаснуваат од Државниот студентски центар. Во моментов екипи работат на поставување нов со што се очекува во теков на денот проблемот да биде надминат.

- Дефектот е во Б-блок и се однесува на промена на вентил, склопка, пумпи и греачи. Државниот студентски центар неодамна го реши проблемот на студентите во А-блок во истиот студентски дом. Станува збор за блок кој е реновиран пред неколку години но поради неправилното поставување на системот за вода кој стигнуваше само до третиот кат. Овој проблем сега е решен – објаснува Дарио Николовски, директор на Центарот.

Тој објаснува дека етапно работат на решавање на ваквите проблеми кои се јавуваат речиси секојдневно како последица од навистина дотраената водоводна и парно инсталација.
- Вршиме смена на пумпите за вода и парно во сите домови. Ова е посериозен зафат со кој во голема мера ќе се решат проблемите особено во зимскиот период. Во моментов се работи и во прва и втора машка зграда во „Стив Наумов“. Поради бучноста на топлотната пумпа, по барање на студентите се работи на нејзина смена заради што во моментов без парно греење се студентите од овие две згради – вели тој.

Државниот студентски центар напоменува дека поради наследениот долг оневозможено е нормалното функционирање на домовите. Во таа насока неодамна побарале помош од Министерствата за образование и наука, за финансии и за информатичко општество за учество со зголемена партиципација со што повторно би ја нормализирале работата во домовите.
Во тек е реновирање на В и Г - блоковите од „Гоце Делчев“ вклучувајќи и промена на врати, прозорци, електрична и водоводна инсталација, внатрешно уредување и парно греење.

Следната година предвидени се 30 милиони денари од МОН за реконструкција и обнова на други студентски домови, меѓу кои домот „Стив Наумов” каде во план е изградба на нова студентска зграда. За проектната докумантација со капацитет од околу 700 легла од буџетот на МОН за 2019 година издвоени се 30 милиони денари, објаснуваат од ДСЦ.
Подготвил: С.Ѓ
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование