X
 23.01.2024 Технологија

Промени во начинот на користење на „Фејсбук“ поради регулативите на ЕУ

Со цел да го усогласи своето работење со Законот за дигитални пазари, компанијата „Мета“ одлучи да воведе неколку промени во работењето на нејзините социјални мрежи.

Корисниците на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ во рамките на Европската Унија наскоро ќе имаат можност да изберат како да ги користат овие социјални мрежи и како да управуваат со приватните податоци на нив. Во компанијата „Мета“ беше одлучено нејзиното работење да се усогласи со Европскиот акт за дигитални пазари, кој прецизно ги класифицира „Фејсбук“ и „Инстаграм“ меѓу супервизорите за пристап и пропишува строги нови правила за нив.

Од „Мета“ рекоа дека во следните недели корисниците ќе се соочат со неколку клучни избори и секој ќе мора да се изрази за овие прашања, кои најмногу се поврзани со споделување на нивните податоци помеѓу различни платформи и услуги. Најпрво ќе биде доведена во прашање поврзаноста на корисничките профили на „Фејсбук“ и „Инстаграм“.

Оние што веќе ги поврзале своите профили, ќе имаат избор: ќе можат да продолжат со овој начин на споделување податоци, што значи дека сите податоци од „Фејсбук“ ќе бидат споделени со „Инстаграм“ и обратно, а друга опција е одделување на профилите и управување одделно за да се спречи споделување податоци помеѓу социјалните мрежи.

Изборот паѓа на корисникот

Кога станува збор за „Фејсбук“, ќе можат да се одделат неговите услуги од главната социјална мрежа:

Корисниците на „Месинџер“ ќе можат да изберат дали сакаат да продолжат да имаат фејсбук-профил или да креираат само профил за „Месинџер“.

Кога станува збор за „Маркетплејс“, корисниците и тука ќе имаат избор. Во иднина, овој сервис ќе користи приватни податоци од „Фејсбук“ само за оние што ќе го дозволат тоа, додека маркетинг-искуството ќе биде одделено за другите. Тоа значи дека податоците од „Фејсбук“ нема да се поврзуваат со реклами, но и дека купувачите и продавачите ќе мора да комуницираат преку е-пошта, а не преку „Месинџер“.

Слично на „Маркетплејс“, ќе можат да се одделат профилите од услугата „Фејсбук гејминг“. Оние што ќе се одлучат да го одделат профилот, нема да ги имаат сите игри со повеќе играчи и купување додатоци, туку само игри за еден играч.

Сите овие промени се продолжение на оние што беа најавени на крајот од минатата година, кога на корисниците им беше понудена опција за плаќање месечна претплата, а за возврат беше понудено искуство за користење на социјалните мрежи без реклами.

Извор: Bug.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија