X
 24.10.2021 Здравје

Луѓето што работат ментално стимулативни работи имаат помал ризик од деменција

Лицата што имаат ментално стимулативни работи имаат помал ризик од деменција подоцна во животот во споредба со оние што имаат помалку стимулативна работа, покажало ново истражување на Институтот за епидемиологија и здравствена заштита при Универзитетот во Лондон.

Научниците прегледале податоци од над 100.000 учесници во истражувањето, кои биле фокусирани на врските помеѓу факторите поврзани со работата и хроничните болести, инвалидитети и морталитети, од САД, Европа и во Велика Британија.

Биле испитувани луѓе од различни професии, од шумарски работници до државни службеници и службеници во јавниот сектор, додека водечкиот автор истакнал дека резултатите ја поддржуваат идејата дека менталната стимулација во возрасна доба може да ја одложи појавата на деменција.

Можно објаснување за резултатите на истражувањето е дека когнитивната стимулација е поврзана со пониските нивоа на одредени протеини кои може да инхибираат некои процеси во мозокот.

Оние што биле вклучени во истражувањето биле следени во просек 17 години за да се утврди дали развиле деменција. Нивната когнитивна стимулација на работата претходно била мерена на почетокот на студијата.

Главниот автор, професорот Мика Кивимаки од Институтот за епидемиологија и здравствена заштита при Универзитетот во Лондон, истакна дека нивните резултати ја поддржуваат хипотезата дека менталната стимулација во возрасна доба може да ја одложи појавата на деменција.

- Оние нивоа на деменција кои кај луѓето што доживеале високо ниво на ментална стимулација се забележани во 80. година од животот, кај оние што доживеале ниска ментална стимулација биле забележани во 78. година од животот. Тоа сугерира дека просечното доцнење на почетокот на болеста е околу 1,5, година, но веројатно постојат значителни разлики во ефектот меѓу луѓето - истакнува Кивимаки.

Истражувачите ги дефинирале когнитивно-стимулативните работи како оние што вклучуваат задачи кои бараат напор за решавање и голема слобода во одлучувањето за работата или контролата на работата, на пример, повисоки државни службеници, менаџери на производство и операции, директори и извршни директори.

Поради повеќето часови поминати на работа, се смета дека изложеноста на когнитивната стимулација трае значително подолго од, на пример, когнитивно стимулирачките хобија, истакнале научниците.

Студијата открила дека земајќи ги предвид влијателните фактори, зачестеноста на деменцијата била 4,8 на 10.000 лица во група со висока стимулација, додека во групата со ниска стимулација била 7,3.

Потенцијално влијателните фактори ги вклучувале возраста, полот, образованието и начинот на живот.

Се чинело дека нема разлика меѓу половите или оние помлади или постари од 60 години. Меѓутоа, имало назнаки дека поврзаноста е посилна за Алцхајмеровата болест во однос на другите видови деменција.

Извор: klix.ba
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје