X
 25.05.2018 Образование

Кој ќе им го плати патот на петтемина талентирани средношколци да ја претстават Македонија на Меѓународната олимпијада по физика во Лисабон?

Среќна околност е што оваа година Олимпијадата е во Европа и трошоците за пат се помали. Може да заклучиме дека Република Македонија не ги обезбедува парите, вели д-р Ламбе Барандовски, претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ, еден од менторите на младите физичари

Од досегашните достигнувања: доцентите Ламбе Барандовски (втор од лево) и Боце Митрески (четврти од лево)

И за талентирани ученици по физика (како и за младите хемичари), неизвесно е учеството на 49. Меѓународна олимпијада по физика (IPhO 2018), која кон крајот на јули ќе се одржи во Лисабон, Португалија. Петмина средношколци ќе ја претставуваат Македонија на светската манифестација, на која младите таленти од 49 земји од светот ќе покажат што умеат. Нашите претставници беа избрани на Македонската олимпијада по физика што ја организира Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ). Ако се надминат финансиските проблеми, во Лисабон ќе патуваат Александар Иванов од Свети Николе, Мартин Ристовски од Македонска Каменица и Трајче Бојаџиев од Неготино, ученици во приватната гимназија „Јахја Кемал“ во Бутел, Иван Јовановски од Скопје, од истоимената гимназија во Карпош и Војо Митревски, средношколец во „Цар Самоил“ во Ресен. Ќе ги предводат менторите д-р Боце Митревски, претседател на ДФРМ, и д-р Ламбе Барандовски, претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ, обајцата доценти на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

На следниот линк може да донирате: ДОНИРАЈ 


Научниците не се откажуваат

И покрај финансиските проблеми, научниците се борат младите таленти од Македонија да ги покажат своите знаења. Лани првпат се организира Европска олимпијада по физика, а Македонија учествуваше со пет ученици и еден водич. Европската олимпијада годинава се одржува во Москва, почнува во понеделник и ќе трае до 1 јуни. Македонија ќе ја претстави дел од меѓународниот олимписки тим - Александар Иванов, Мартин Ристовски и Иван Јовановски, предводени од д-р Ирина Петреска, вонреден професор на Институтот за физика, и д-р Виктор Урумов, редовен професор во пензија.
- Меѓународната олимпијада IPhO 2018 ќе се одржи од 21 до 29 јули 2018 година, а пријавени се повеќе од 400 ученици и 200 водачи и набљудувачи од 94 земји од светот – вели Митревски.

Младите таленти

Сепак, проблемот со финансирањето на учеството на талентирани ученици од Република Македонија на меѓународни олимпијади сè уште не е решен, вели Барандовски. Поради проблем со обезбедување пари, лани тимот бил намален од пет на три натпреварувачи.
- Среќна околност е што оваа година Олимпијадата е во Европа и трошоците за пат се помали. Може да заклучиме дека Република Македонија не ги обезбедува парите. Трошоците за котизација и пат најчесто се обезбедуваат од лични средства. Подоцна, најголем број од тие талентирани ученици соодветно возвраќаат - заминуваат од Република Македонија – вели Барандовски.

На следниот линк може да донирате: ДОНИРАЈ

Потребни се 7.500 евра за котизација и пат

Котизацијата за учество на Олимпијадата е 500 евра за лице (било натпреварувач било водач). За учество на Олимпијадата потребни се 3.500 евра за котизација (за тимот од 7 претставници) и седум повратни авионски билети за Лисабон, кои би чинеле околу 4.000 евра. Основните потребни средства за оваа олимпијада се вкупно 7.500 евра. - Останатите трошоци за подготовка на учениците, за подготвителни часови (пат, храна, престој), материјални трошоци за опрема и инструменти и слично не се внесени во пресметките. Се случувало овие трошоци да бидат и повеќе од 10.000 евра ако Олимпијадата се одржува на друг континент, ако се потребни визи, патување до местото од каде што се вадат визи и слично – објаснува Барандовски.

Младите физичари освојуваат медали

ДФРМ е стручно-научно здружение основано во 1949 година. Догодина ќе слави јубилеј - 70 години од основањето. Во основа, друштвото ги популаризира физиката и другите природни науки преку стекнување и унапредување на знаењата, способностите и вештините кај учениците, наставниците и граѓаните. Посветено е на унапредување и заштита на животната средина. Во него членуваат повеќе од 60 универзитетски професори, околу 800 наставници од основните и средните училишта, колеги од други институции и компании, студенти.
Годинава кон крајот на април во средното училиште „7 Марси“ во Тетово се одржа 61. Републички натпревар по физика за средношколци. Од 98 натпреварувачи од целата држава, учениците што покажале најдобри резултати на натпреварот биле поканети да учествуваат на 7. Македонска олимпијада по физика, која се одржа на 11 мај на Институтот за физика.
- Учествуваа 19 ученици кои решаваа задачи од цела физика, без разлика на нивната возраст, согласно силабусот на Меѓународната олимпијада по физика. Од нив го формиравме македонскиот олимписки тим – велат од ДФРМ.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование