X
 26.05.2018 Технологија

Илјадници луѓе чекаа ред за да го купат овој телефон

Повеќе од 15.000 луѓе чекаа со часови во ред во Њујорк и во други 25 градови во 11 земји за да го купат овој нов паметен телефон.

Не станува збор за iPhone, Samsung или Huawei, туку за телефонот OnePlus 6. Оваа кинеска компанија со текот на годините стана многу популарна меѓу корисниците играјќи на познатата кинеска карта – што поквалитетен телефон со што подобри опции, но со што е можно пониска цена.

Новиот телефон на оваа компанија не е евтин, но за корисниците за кои новите „Galaxy“ или „iPhone X“ се скапи, „OnePlus“ се чини идеален избор бидејќи чини 530 долари.

Иако ги нема сите врвни перформанси кои ги нудат повеќето уреди од највисоката класа, како водоопорност (од компанијата велат дека тој е водоотпорен, но нема сертификат) или бежично полнење, се покажа дека тоа се опции од кои корисниците се подготвени да се откажат за неколку стотини долари пониска цена.

На корисниците најважни им се одличните перформанси, чистиот Андроид, камерите со одличен квалитет... Дека станува збор за одличен телефон го потврдија и бројните новинарски рецензии кои претежно го фалат „OnePlus 6“.

Овој телефон може да се нарача преку интернет, но „OnePlus“ отвори привремени продавници во Њујорк и други градови по повод почеток на продажбата на новиот телефон.

Стотици луѓе чекале ред за да го купат телефонот од продавницата во Њујорк, а некои минале и повеќе од 12 часа чекајќи да започне продажбата. Некои, пак, земале годишен одмор тој ден и го минале чекајќи со останатите љубители на оваа компанија и нејзините телефони.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија