X
 27.04.2018 Образование

Конференцијата за применети компјутерски технологии во Охрид ќе донесе нови соработки

Проф. д-р Кристина Близнакова од Техничкиот универзитет од Варна ќе биде еден од учесниците на големата конференција. Таа има создадено компјутерски модел за детектирање рак на гради, кој многу истражувачки тимови веќе го користат за визуелно дијагностицирање




Од 21 до 23 јуни во Охрид ќе се одржи Меѓународна конференција за применети компјутерски технологии што ја организира Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во соработка со Техничкиот универзитет во Варна, Бугарија. Факултети.мк разговара со проф. д-р Кристина Близнакова. Биомедицинскиот инженеринг е нејзин фокус.

Кажете ни нешто повеќе за таа соработка. Како дојде идејата за организирање на оваа конференција?

- Пред речиси две години имаше средба на ректорите на двата универзитета, ректорот Нинослав Марина од УИНТ и ректорот Росен Василев од Техничкиот универзитет од Варна. Тогаш тие донесоа одлука да се организира конференција во чија организација активно учество ќе земат и двата универзитета.

Вие ќе бидете еден од учесниците и говорници на конференцијата. Какво е Вашето професионално искуство, образование, област на истражување, кариера. Која ќе биде Вашата тема на конференцијата?

- Моите дипломска и магистерска се во областа на инженерството, а ги стекнав на ТУ Варна. Потоа, благодарение на програмата Темпус, завршив втори магистерски во областа на биомедицинскиот инженеринг на Универзитетот во Патрас, Грција. Таа магистерска обработува дизајн, креирање и имплементација на базата со пациенти од одделот за радиологија на Универзитетската болница во Патрас, Грција. Магистерската програма беше интернационална и имав можност да присуствувам на курсеви како „Слики од магнетна резонанција“, „Компјутерска томографија“, „Анатомија и психологија“, „Процесирање сигнали и слики“, „Моделирање физиолошки слики“ и други, кои тогаш ги немаше на мојот матичен универзитет. Мојот докторат е целосно во областа на биомедицинскиот инженеринг. Како дел од него, креирав и компјутерски модел за детектирање рак на гради, кој денес е во точка на state-of-the-art и кој се користи од многу истражувачки тимови како за визуелно дијагностицирање така и за многу тековни соработки.

Благодарение на индивидуален грант од програмата „Марија Кири“, успешно се реинтегрирав на мојот матичен универзитет во Варна, така што од 2012 го пренесувам моето познавање во областа на биомедицинскиот инженеринг во оваа прекрасна земја на Црното Море. Мојот говор на ПКТ 2018 ќе биде тесно поврзан со компјутерските модели за детектирање рак на гради и како ние, инженерите, можеме со помош на ваквите технологии да дијагностицираме рак во неговите најрани фази. Акцентот ќе биде ставен на развојот постигнат во проектот MAXIMA (Тродимензионален модел за детектирање рак на гради преку слики од х-зраци) и како тоа ќе придонесе за изградбата на специјално научно поле за развој на вакви технологии.

 

Во моментов сте професор на ТУ Варна. Може ли да се спореди работното искуство на Вашиот универзитет со други светски?

- Предавањето тука е слично со другите западни универзитети, како на пример во Италија или во Велика Британија. Овие 330 часа предавање се понекогаш тешки за мене, меѓутоа, контактот со студентите ми е особено драг и интересен. Квалитетот тука не заостанува зад квалитетот на другите универзитети надвор и мило ми е што нашите студенти го препознаваат тоа. Сите програми се доста амбициозни и со исклучителен квалитет.

Што очекувате од ПКТ 2018?

- Очекувам ПКТ 2018 да донесе истражувачи од областа на применетите компјутерски технологии, не само од Балканот туку и пошироко од Европа. Тоа ќе донесе можност за воспоставување нови соработки, зацврстување на постојните и утврдување на оваа област, која се развива многу брзо.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование