X
 27.08.2020 Култура

Концерт на 8.000 години стариот локалитет Врбјанска Чука

Со концерт на локалитетот стар 8.000 години утре завршуваат археолошките истражувања на локалитетот Врбјанска Чука. Ќе настапи Антоние, еден од ретките македонски соло вибрафонисти, кој ќе подготви програма специјално за овој настан.

Организаторите велат дека концертот ќе биде ретка можност да се создаде синестезија меѓу локалитетот и авторската музика на Антоние, со што ќе се спојат древниот предисториски амбиент и звучните илустрации.

Локалитетот Врбјанска Чука претставува тумба формирана како неолитска населба пред 8.000 години, а која потоа во антиката и во средниот век е користена како стопански центар и некропола. Во неа се откриени остатоци од масивни неолитски градби и структури, како и мноштво антички јами и средновековни погребувања, а кои ќе бидат презентирани пред концертот.

Концертот ќе биде изведен на самиот локалитет утре, во 18.30 часот. Локалитетот се наоѓа околу 1 км јужно од селото Славеј во Пелагонија.

Концертот на Врбјанска Чука е во организација на Центарот за истражување на предисторијата, Џез-фестивал - Прилеп и Завод и музеј - Прилеп, а исто така претставува и дел од оф-програмата на Прилепскиот џез-викенд. При реализацијата на настанот ќе бидат преземени сите неопходни мерки и протоколи за собири на отворено место, така што ќе се одржува неопходната дистанца и ќе се носат заштитни маски. Влезот е бесплатен.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура