X
 27.11.2020 Наука

Европа со најмногу заразени и најмногу смртни случаи од Ковид-19 во изминатава недела

Европа остана најголемиот глобален придонесувач за нови случаи на Ковид-19 и смртни случаи во изминатата недела, соопшти Светската здравствена организација, и покрај знаците дека построгите мерки против ширењето на вирусот почнуваат да даваат резултати.

Европскиот регион опфати 44 отсто од глобалните нови случаи и 49 отсто од глобалните нови смртни случаи во изминатата недела, според последниот неделен извештај на СЗО, објавен во вторникот. Додека бројот на нови случаи во регионот се намалува на неделно ниво, бројот на смртни случаи сè уште расте, а во претходните седум дена беа пријавени 32.684 нови смртни случаи.

Овие вести доаѓаат во време кога европските земји се борат да им овозможат на луѓето да ги слават претстојните празници и да ги ублажат економските последици од карантините.

И Франција и Велика Британија во вторникот ги утврдија плановите за следните недели врз основа на падот на стапката на инфекција по мерките за карантин. Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, во средата ги повика лидерите на ЕУ да не ги релаксираат своите ограничувања премногу брзо. Таа рече дека пред неколку недели предупредила дека овој Божиќ ќе биде поинаков и потивок од вообичаеното и повика на солидарност меѓу европските нации.

Според извештајот на СЗО, глобално инциденцата забави во текот на изминатата недела, со регистрирани 4 милиони нови случаи. Сепак, стапките на смртност продолжија да се зголемуваат, со повеќе од 67.000 нови смртни случаи пријавени низ целиот свет.

Бројот на пријавени нови случаи во Европа во изминатата недела се намали за 6 отсто, на 1,77 милион, по пад од 10 отсто во претходната недела, се вели во извештајот, и тоа е знак дека повторното воведување на построги мерки во голем број земји во последните неколку недели почнува да го забавува преносот. Но, и покрај овој тренд на опаѓање, Европа останува најголем придонесувач за нови случаи и нови смртни случаи во последните 7 дена, се вели во извештајот. Европскиот регион, дефиниран од СЗО, опфаќа 53 земји.

evropa
Фото: Freepik

Италија објави најголем број нови случаи во регионот и трет највисок на глобално ниво, со 235.979, но, според СЗО, случаите може да достигнале врв со оглед на пријавениот пад од 3 отсто. Бројот на нови смртни случаи се зголеми за 26 отсто минатата недела, односно 4.578.

Втор најголем глобален придонесувач за нови случаи и смртни случаи беше регионот на Америка, со 1,6 милион нови случаи - зголемување од 11 отсто во споредба со претходната недела - и 22.005 нови смртни случаи, што е за 15 отсто повеќе во споредба со претходната недела, според СЗО.

Велика Британија планира „божиќен балон“


И покрај падот на бројот на случаи, делови од Европа продолжуваат да се борат со немилосрдниот втор бран на Ковид-19.

- Германија забележа 410 смртни случаи поврзани со коронавирус во изминатите 24 часа - највисокиот еднодневен скок на смртни случаи од почетокот на епидемијата, соопшти во средата Институтот „Роберт Кох“, агенција за контрола и болести на земјата. Ова беше првпат Германија да се соочи со повеќе од 400 смртни случаи од Ковид-19 во еден ден.

Во средата Полска објави 674 смртни случаи, нов дневен рекорд за оваа нација. Сега, вкупниот број смртни случаи поврзани со Ковид-19 достигна 14.888.

Најновите податоци на СЗО велат дека Велика Британија, која имаше најголем број смртни случаи во цела Европа (над 55.000), сега регистрира намалување на случаите за 13 отсто во споредба со минатата недела. Ова намалување е прв неделен пад од крајот на август.

Британската влада соопшти дека ќе дозволи до три домаќинства да формираат „божиќен балон“ и да се мешаат во затворени простории, на отворени и на места за богослужба од 23 до 28 декември низ цела Британија.

Макрон: Го избегнавме најлошото


Претседателот на Франција, Емануел Макрон, рече дека земјата полека ќе почне да ги укинува ограничувањата поради забавувањето на ширењето на вирусот. Како што изјави Макрон, последните податоци покажуваат дека повеќе од 50.000 луѓе починале од Ковид-19 во Франција, но бројот на пациенти во интензивна нега се намалува.

Карантинот би можел да се укине на 15 декември ако дневниот број на случаи падне под 5.000 и ако има само од 2.000 до 3.000 пациенти на интензивна нега.

Извор: Kten.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука