X
 27.12.2021 Наша тема

Пофалницата за најдобар дипломиран студент Марија ѝ ја посвети на својата баба

Марија Петревска доби признание за дипломиран студент со највисок просек од ректорот на Битолскиот универзитет, Сашо Коруновски

Пофалницата што ја доби за најдобар дипломиран студент во академската 2020/2021 година, за битолчанката Марија Петревска претставува силен мотив за нови успеси и предизвици. При врачувањето се чувствуваше горда, но имаше и доза на тага што нејзината баба не е покрај неа. За три дена не дочека да го сподели овој радосен миг со својата внука, која цел живот ја бодреше. А до последно прашувала кога ќе биде чествувањето. Марија, благодарна за поткрепата и довербата, ѝ ја посвети пофалницата на жената што ѝ беше идол во животот, баба ѝ Роса Ивановска.



Баба ѝ почина три дена пред да ѝ биде врачена пофалницата

- Би сакала ова признание да ѝ го посветам на жената која бескрајно веруваше во мене. За неа бев секогаш најдобра, без да морам нешто да направам. Баба ми, со нејзината животна приказна, ми е вечна инспирација. Таа живееше од љубовта и за љубовта кон своите деца. Ми беше најголем пример за љубов, храброст, чесност и добрина. Нејзината поддршка при секој разговор ми го осветлуваше патот и секоја моја одлука. Сакав секој момент да го споделам со неа затоа што знаев дека вистински ќе се израдува и ќе се гордее со мене. Нејзината топла прегратка и поглед исполнет со љубов ќе ми недостигаат вечно, иако знам дека таа секогаш ќе живее во моето срце. Со саканите личности никогаш не се разделуваме - со голема искреност раскажа Марија.



Факултетот го заврши во рекордно време, со просек 9,79, како најдобар студент во нејзината генерација. Девојчето што од мали нозе беше вљубено во природните науки и се интересираше за техниката, стана дипломиран инженер по информатички науки и комуникациско инженерство. Без да прави пауза, се запиша на втор циклус студии на истиот факултет, каде што е и демонстратор по предметот Деловни информациски системи.

- Отсекогаш имав желба да предавам, да работам со студенти и навистина е убаво искуство да се сподели своето знаење - додава таа.

Учеше за знаење, а не за оценки

Не е едноставно да се наредат речиси сите десетки во студентскиот индекс на факултет каде што се изучуваат нумерички анализи, алгоритми, се развиваат софтвери, програмски јазици, сложени задачи... Таа вели дека не учела за оценки, туку за знаење.



- Висок просек се постигнува со постојана работа, вложување труд, максимална посветеност, упорност и, секако, многу учење. Најважно во сето тоа е да се добие квалитет за да се применува стекнатото знаење на вистински начин. Клучно е со задоволство да се работи и учи, и безусловно да се посветите на процесот на учење. Секогаш целта треба да биде континуиран личен развој - вели Петревска.

Кога ги избираше студиите, дел од нејзините врсници заминаа да студираат во странство. Сега кога дипломираа, повторно некои среќата ја бараат надвор од границите, но за неа предизвик е да остане дома и да придонесе за развој на родниот град.

- Изборот да студирам во родниот град ми даде поголем мотив континуирано да учам, да истражувам, да работам на проекти, да бидам љубопитна и своето време да го вложувам во стекнување знаење. Желбата и амбицијата отсекогаш биле присутни и тие се главниот двигател постојано да се трудам и да не запирам кон остварување на секоја зацртана цел. Учествував во различни истражувачки проекти, хакатони, натпревари, менторски програми, обуки. Во дел од настаните учествував како волонтер. Учествував и во изработката на е-весникот „Универзитетски глас“ - раскажува девојката.



Иднината ја гледа во родниот град Битола


Својата иднина ја гледа во Битола, а факултетот на кој се запиша на втор циклус студии обезбедува голема флексибилност и голем број можности. Им порачува на младите да се борат за знаење, да работат на личен развој, да вложат труд зашто само така нема да може да ги запре ниедна препрека до целата.

- Факултетот создава можности да бидете дел од многу проекти, да стекнете комуникациски вештини и да го развиете вашиот претприемачки дух. Исто така, би им порачала на младите и идни студенти да веруваат во себе, посветено да работат, да бидат упорни и силно да се борат за знаење. Само со работа на себе и со постојано надградување, секоја цел може да се достигне - рече најдобрата дипломирана студентка на ФИКТ во Битола.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема