X
 28.04.2023 Наука

Првпат снимено како црна дупка испушта енергетски млаз

Нови набљудувања на супермасивните црни дупки би можеле да решат некои мистерии поврзани со вселената.

Имено, астрономите првпат успеале да снимат силен енергетски млаз кој излегува од супермасивна црна дупка. Станува збор за супермасивна црна дупка во центарот на галаксијата Месиер 87. Астрономите се надеваат дека набљудувањата на црната дупка би можеле да помогнат во откривањето на тоа како се хранат црните дупки и што предизвикува исфрлање на енергетски млазови.

- Знаеме дека млазовите се исфрлаат од регионот кој ја опкружува црната дупка, но сè уште не разбираме во целост како се случува тоа. За да го проучуваме тоа, мора да го набљудуваме потеклото на млазот, што е можно блиску до црната дупка - изјавил Ру-Сен Ли од Шангајската астрономска опсерваторија, кој е главен автор на истражувањето.


Фото: Nature

Супермасивната црна дупка во средината на галаксијата е 6,5 милијарди пати помасивна од Сонцето и се наоѓа на оддалеченост од 55 милиони светлосни години од Земјата. Повеќето галаксии имаат супермасивни црни дупки во центарот, но тие се однесуваат како големи вители што голтаат сè околу себе. Како резултат на тоа, тие исфрлаат млазови со материја со брзина блиска до онаа на брзина на светлината.

Меѓутоа, сè уште не е јасно од каде доаѓаат тие млазови. Научниците веруваат дека тие може да потекнуваат од зоната во која време-просторот се врти заедно со црната дупка.

Новата фотографија од ваков млаз била направена со податоци од 2018 година. Таа го открива и она што научниците го нарекуваат сенка на црната дупка. Таа сенка се јавува додека материјата се врти околу црната дупка и свети додека се загрева, создавајќи светол прстен. Во средината на тој светол прстен е целосна темница, која всушност е сенка на црната дупка.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука