Пред секое тримесечје обично се прават тестови, писмени, испрашувања затоа што учениците треба да добијат оценка за постигнатиот успех во одреден наставен период. Период на проверка на наученото. Секој наставник знае колку и како постигнал знаења неговиот ученик. Се разбира, тоа е период на многу активности во текот на целата учебна година, кои се следат и бележат во евиденциониот дневник на наставникот, што е доказ за предложената и напишаната оценка. И секој ученик добива можност да поправи, доколку се случи да не е задоволен од резултатот што го добил. Но што е поважно? Оценката или трајното знаење? Секако, трајното знаење. Оценката е само формална бројка на која не треба да се потпира ниту еден ученик. Знаеме дека единицата е лоша, а петката најпосакувана. Акцент не се става на бројчаната оценка, туку на нешто поважно од неа - на знаењето!
Изминативе неколку години оценката предничи, а знаењето?
Толку многу ѝ се придава важност и „големина“ на оценката наместо на она правото, вистинско знаење, во секоја смисла на зборот. „Што ќе добијам?“ „Не ми пиша тоа и тоа“, наместо: „Што научив?“ Многу погрешно! Тоа некако се случува во континуитет. Не сакам да звучам парадоксално, но зошто се оди на училиште? Одговорот е многу јасен и познат. Верувам и очигледно е дека сега е друго време, технолошки напредно време, дури познато е дека имаме специфични генерации на ученици, но сепак, мора да се издвојат и исклучоците кои уште од дома тргнуваат со континуирано учење, повторување, начини на однесување итн. и, секако, нема да имаат никакви проблеми и забелешки ниту со наставата, ниту со наставниците, ниту со околниот свет кој ги опкружува. Ги изделувам бидејќи навистина се во многу мал, редок број. Кај тие деца навиката за учење еднаш е стекната и ќе трае цел живот. Не е придобивка да се учи напамет, ниту пак да се спуштаат од интернет, на пример, готови прераскажани лектири и сл. (Каде е она реално читање книга?) Толку ли паметните уреди и социјалните мрежи ја заменија книгата? – Штета! Штета непоправлива која остава и ќе остави трајни последици. Мислам дека е време да се вратат учењето и истражувањето од книгите. Не е доцна, потребна е само силна волја. Наместо напамет, со разбирање и критичко размислување да се стекнуваат знаења и вештини, кои понатаму полесно ќе се надградуваат и ќе може успешно да се применуваат во практика. Тоа е паметно и одговорно. Така треба да изгледа. Тука, се разбира, најголемо влијание врз децата имаат родителите (со ретки исклучоци), кои никако не смеат да се мешаат во работењето и во одлуките на наставниците за тоа како ќе ги оценат нивните деца. Тие, треба да си ја гледаат својата работа и да им дозволат на своите деца да мислат со своја глава, односно да ги натераат и кога ќе згрешат, самостојно да се поправат. Така ќе имаме многу поинаква и пореална слика во воспитно-образовниот систем. Таа промена тешко оди, но никогаш не е доцна за почеток кој ќе се движи во вистинската насока. Со таа промена се гради поглед на светот. ДА за реално стекнато знаење, НЕ за врски и претерувања. Таа лекција нека се научи еднаш.
Училиштето е свет храм, а не игроорна
Ред, принципи и кодекси на однесување и почитување треба да постојат како во училишната така и во секоја друга работна организација (без разлика дали се работи за државен или за приватен сектор). Во таков среден и координиран систем очекуван е секој напредок и просперитет. Интеракцијата, а паралелно со неа и социјализацијата наставник-ученик е незаменлива и се разбира дека се одвива во училница, исто како што разликата онлајн-физичко присуство е голема. Но тоа го видовме и насетивме во сите можни облици на одвивање. Столбот на писменоста во една држава е образованието. Без него не би имале писмена нација. Училиштето е свет храм кој дава многу животни поуки и мудрости, тоа е извор на умеењата, интересите, етичките вредности во животот. Непроценливо искуство кое постојано извира како вруток и од кое може многу да се очекува. Наше е да знаеме правилно да го искористиме. Училиштето во никој случај не смее да наликува на игроорна. Се знае кои се „главните играчи“ во школската средина, јасно е кој стои пред тој млад и убав свет и сака од ученичињата да направи прави ученици. Во таа суштинска врска никој не смее да се меша, односно да создава неред и притисок. Во дамнешно време, многу дамнешно, петката беше незамислива, а денес? Денес толку бурно се реагира за неа, крајно неконтролирано. Но, искрено, би сакал секој да размисли, и ученикот, и родителот, и колегата/колешката, кога се бара „надуена“ оценка дали со тоа се прави добро на личноста на ученикот? Одговорот нека биде со јазикот на стилистиката: реторско прашање. На крај, како наставник кој бескрајно ја сака и почитува својата професија, а со неа и сите во училишната средина, сакам да порачам: Учете за знаење, а не за подарени оценки! Благосостојбата и придобивката од првата цел ќе ве градат во личности со интегритет и авторитет. Со втората цел не се доловува правата суштина, ами се оди во незнаен правец. Наше е да одбереме која цел сакаме да ја постигнеме. Игроорната се учи преку игри, училиштето се учи преку книги. Ако успееме во тоа, реформите ќе бележат раст и развој.
Ученици, ви посакувам успешни резултати на училиште. Еве го пред нас и крајот на првото полугодие. Верувам во вашата интелигенција и посакувам паметно да ја користите. Поздрав до моите и до сите други ученици!
Колешки и колеги, вам, исто така, успех со трпеливоста и издржливоста во училница. Можеме дури и повеќе отколку што мислиме гледајќи ги таа љубов и радост, пред која неуморно стоиме. Нашата мисија е одговорна и треба да ја браниме и успешно да ја продолжиме!
Автор: професор Александар Адамовски