Луѓето што не јадат месо имаат помали шанси да ја доживеат стотата година во споредба со оние што јадат месо, покажува ново истражување. Сепак, експертите предупредуваат дека резултатите не треба да се толкуваат површно.
Истражувањето следело над 5.000 возрасни лица постари од 80 години, вклучени во кинеското лонгитудинално истражување за здрава долговечност, кое започнало во 1998 година. До 2018 година испитаниците што следеле исхрана без месо поретко станувале стогодишници во споредба со оние што консумирале месо.
На прв поглед овие наоди се спротивни на долгогодишните докази дека растителната исхрана го подобрува здравјето. Вегетаријанската исхрана се поврзува со помал ризик од срцеви заболувања, мозочен удар, дијабетес тип 2 и дебелина, делумно поради поголем внес на растителни влакна и помал внес на заситени масти.
Сепак, клучната разлика лежи во возраста на испитаниците. По 80. година нутритивните потреби значително се менуваат: апетитот и енергијата опаѓаат, а се зголемува ризикот од губење мускулна маса, коскена густина и неисхранетост. Кај постарите лица, приоритет станува одржувањето на телесната тежина и мускулната сила, а не долгорочната превенција од хронични болести.
Важно е што пониската веројатност за доживување 100 години кај луѓето што не јадат месо била забележана само кај оние со недоволна телесна тежина. Кај постарите лица со нормална тежина не била утврдена ваква поврзаност. Недоволната телесна тежина и онака е поврзана со зголемен ризик од кревкост и смртност, што укажува дека клучна улога има телесната состојба.
Дополнително, станува збор за опсервациско истражување, што значи дека покажува поврзаност, но не и директна причинско-последична врска. Резултатите се вклопуваат и со т.н. „парадокс на дебелината“, според кој малку повисоката телесна тежина може да биде заштитен фактор во подоцнежната возраст.
Интересно е што кај лицата кои во исхраната вклучувале риба, млечни производи или јајца не била забележана намалена веројатност за долговечност. Овие намирници обезбедуваат важни хранливи материи како протеини, витамин Б12, калциум и витамин Д, неопходни за зачувување на здравјето на мускулите и коските.
Што значи ова за здравото стареење?
Наместо да се фокусираме на тоа дали една исхрана е универзално подобра од друга, клучната порака е дека исхраната треба да се приспособи на животната возраст. Со стареењето, енергетските потреби се намалуваат (поради пониска базална потрошувачка на енергија), но потребата од одредени хранливи материи се зголемува.
Растителната храна и понатаму може да биде здрав избор, но може да бара внимателно планирање и, во одредени случаи, суплементација за да се обезбеди соодветен нутритивен внес, особено во подоцнежниот период од животот.
Суштината е дека нашите нутритивни потреби на 90 години можат значително да се разликуваат од оние на 50, а советите за исхрана треба да ги одразуваат тие промени низ целиот животен век. Она што ви одговара денес можеби ќе треба да се приспособи со текот на годините, и тоа е сосема нормално.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik