X
 21.08.2017 Живот

Пробајте ја оваа необична метода за брзо учење странски јазик

метод
Фото: Reuters

Учењето нов јазик во подоцнежните години од животот не е лесно, не само поради многуте обврски, туку и поради едноставна биолошка причина - сè помалку помниме. Но, процесот на учење можете да си го олесните со вежбање, покажува најновото истражување.

Според новото истражување, вежбањето за време на учењето странски јазик ја зголемува способноста за помнење, задржување и разбирање на вокабуларот. Ова откритие не се однесува само на новите сознанија за учење на јазикот, туку и докажува дека за подобри ментални процеси треба да бидеме активни.

Последните неколку години се направени истражувања поврзани со физичката активност и учењето или помнењето и секоја од нив покажува дека различно учиме ако истовремено вежбаме. Лабораториските глувци покажале многу подобра способност за помнење додека биле на тркалото за трчање. Исто така, студентите имале многу подобри резултати на испитите ако ги решавале додека истовремено на некој начин биле физички активни.

Иако конкретни одговори сè уште нема, научниците веруваат дека вежбањето го менува мозокот така што тој станува поприемчив и поотворен за нови информации. На многу прашања научниците сè уште немаат одговор, како што се механизмите за учење, кога вежбата има најпозитивно влијание - пред, за време или после учењето и кој вид вежби би биле најкорисни.

Истражувањето било објавено во списанието „Plos One“, а во него биле вклучени Кинези кои во период од два месеца учеле англиски јазик. Како физичка активност за време на учењето добиле велосипед. Луѓето што возеле велосипед при учењето многу подобро го совладале вокабуларот од луѓето што учеле мирувајќи. Освен тоа, покажале и подобро препознавање и разбирање на значењето на речениците, а стекнатото знаење по долг период можеле да го репродуцираат.

„Резултатите покажуваат дека физичката активност за време на учењето го подобрува самото учење“, вели Симоне Сулпизио, професор по психологија и лингвистика на Универзитетот „Вита-Салуте Сан Рафаеле“ во Милано, коавтор на истражувањето.

Останува мистеријата што всушност се случува во мозокот и зошто има толку придобивки од вежбањето.

„Не сакаме да им предложиме на училиштата и на наставниците да воведат велосипеди во училиштата. Луѓето што учат јазик можат да се погрижат за тоа во својот дом. Важен е фактот дека седењето со часови без никакво движење не е добар предуслов за учење“, заклучува Сулпизио.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот