X
 04.09.2025 Живот

Социјалните мрежи продаваат бајка за богатство, а реалноста е дека зад тоа стојат кредити

Социјалните мрежи одамна се место каде што се истакнува совршеното - од беспрекорно средени профили до прикажување нови, скапи работи, често поттикнати од туѓо влијание. Но, покрај тоа што нè тераат да се тркаме по лајкови и следбеници, тие се и место каде што се роди „културата на споредување“.

Сè повеќе расте загриженоста дека токму поради тоа луѓето ја губат реалната слика за пари и сопствените достигнувања.

Подемот на богатите инфлуенсери (англ. richfluencers)


Во последните години особено се издвојува појавата на богатите инфлуенсери кои прикажуваат луксузен начин на живот. Чанти „биркин“, приватни авиони, летувања на Миконос и буџети без ограничувања стануваат речиси секојдневна појава кога ќе ги отвориме социјалните мрежи.

Во реалноста, станува збор за привилегии на помалку од 1 отсто од светската популација. Ние ги гледаме и впиваме само затоа што социјалните мрежи ни ги ставаат пред очи.

Кога 500 евра стануваат „мала работа“


Нашето перципирање на луксузот е целосно искривено. Пред десет години, за да се биде во тренд, луѓето трошеле помалку пари. Денес е нормално да се трошат суми од 500 евра и повеќе, создавајќи впечаток дека сите поседуваат луксузни предмети што всушност малкумина можат да си ги дозволат.

Тиктокерката @Yas.jd зборуваше за притисокот да се троши само за да се вклопиш во онлајн трендовите.

- Сите се смеат на чанта од 580 евра, а тоа е скапо за 99 отсто од луѓето - вели таа и додава дека е уморна од тоа луѓето  да ги споредуваат своите животи со оние што се финансиски многу помоќни.

Токму поради тоа, многумина трошат повеќе отколку што можат да си дозволат. На пример, дури 60 отсто од билетите за годинашниот фестивал „Коачела“ биле купени преку опцијата „купи сега, плати подоцна“, односно на рати. Но, на „Инстаграм“ тоа никој не го покажува - меѓу фотографиите од луксузни вили не се гледа финансиската реалност.

Брендовите се свесни за овој тренд. На пример, „Коуч“ (американски моден бренд познат по врвни кожени чанти, модни додатоци, облека и обувки за жени и мажи) во првото тримесечје од 2025 година забележа дури 900.000 нови купувачи во Северна Америка, главно припадници на генерацијата З и милениумците, очигледно поттикнати токму од социјалните мрежи.

Луксузот како претстава


Еден од најпознатите примери е продавницата „Лав лагжри“, специјализирана за користени луксузни чанти. На нејзините профили со милиони следбеници може да се видат видеа каде шро купувачите „случајно“ трошат десетици илјади евра на чанта, како да станува збор за обично купување во супермаркет.

Сопственикот Адам Абрахам предупредува дека таквата содржина е далеку од реалноста.

- На социјалните мрежи гледаме луѓе кои изнајмуваат автомобили, позираат во приватни авиони што никогаш не ги изнајмиле или живеат на кредит. Зад сцената се гледа дека не е злато сè што сјае - вели тој и додава дека е важно да се најде рамнотежа помеѓу инспирацијата и нереалното прикажување.

- Наша одговорност е да покажеме што е можно, но не и да создадеме чувство дека некој вреди помалку затоа што не може да потроши илјадници евра на чанта - вели тој.

Зошто нè привлекува сето ова?

Експертите тврдат дека проблемот е во потребата да ја потврдуваме својата вредност преку лајкови и внимание однадвор.

- Допаминот сака драма, а адреналинската возбуда од вредноста што ја добиваме онлајн може да создаде зависност - објаснува бихевиоралниот психолог Клариса Силва.

Таа додава дека е неопходно да се постават граници: ограничување на времето поминато на социјалните мрежи, дневен „детокс“ од технологијата и потсетување дека најчесто гледаме искривена, идеализирана верзија на реалноста.

Маркетинг-експертот Џејми Лав потсетува дека ништо од ова не се случило случајно.

- Деценијата на глорификација на богатството и раскошот, предводена од Кардашијанките и реалните шоуа, создаде основа за она што денес го нарекуваме „рич-тoк“ - вели Лав.

Каде е границата?


Истражувањата покажуваат дека дури 67 отсто од милениумците чувствуваат ФОМО (чувството што го имаме кога мислиме дека пропуштаме нешто важно, како што е собир или дружба на пријателите) поради содржината на социјалните мрежи. 60 отсто од нив признаваат дека токму поради тоа чувство одлучиле да купат нешто што веројатно никогаш не би го купиле.

Експертите предупредуваат дека инспирацијата е корисна додека останува здрава. Но, споредбата на сопствениот живот со позирање пред приватни авиони е исто како споредување со холивудски филм - убав за гледање, но целосно нереален. Време е повторно да научиме да ги цениме и славиме сопствените достигнувања, без разлика дали се мали или големи.

Извор: n1.info.ba
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот