X
 29.04.2026 Живот

„Најсреќен момент е кога семејството на пациентот ќе каже благодарам со поглед кој зборува повеќе од збор“, вели д-р Тања Струмениковска-Ристевска, добитничка на повелбата „Д-р Трифун Пановски“

Кај неа отсекогаш тлеела желбата да биде доктор и да им помага на луѓето. По 38 години откако дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје како првенец на генерацијата, вели: „И повторно да се родам, ќе го изодам истиот пат со истата љубов и пожртвуваност“. Д-р Тања Струмениковска-Ристевска, познат битолски специјалист анестезиолог, 25 години пожртвувано работи во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола. Неодамна ја доби и повелбата која го носи името на патронот на битолската болница, доделена од Македонското лекарско друштво.

Ќерка на познатиот графичар Ранко Струмениковски

Потекнува од угледно и уметничко семејство. Ќерка е на првиот битолски графичар Ранко Струмениковски (1936-2000), еден од креаторите на Графичкото триенале, по кое Битола го доби својот белег „град на графиката“. Но, не тргна по неговите стапки, туку одлучи да се занимава со медицина.

-Иако сум единственото дете на Тацка и Ранко, ме воспитаа на самостојност и самоиницијативност. Секогаш ја имав нивната безрезервна поддршка иако изборот на професијата го направив сама. Никогаш не се покајав, никогаш не се премислив, за ништо не жалам. Медицината како професија стана мој начин на мислење, обликувајќи ми ги карактерот, времето, вредностите, па дури и личниот живот - вели Струмениковска-Ристевска.



За неа, анестезиологијата е круна на медицината

Љубовта кон анестезиологијата била толку интензивна кај неа што на конкурс за специјализации трипати ја добивала. Вели дека веќе 25 години се неразделни со круната во медицината – анестезиологијата, која е клучен предуслов во развојот на современата хирургија и интензивна медицина.

-Ние, анестезиолозите, не сме само за давање лек за спиење, туку менаџираме со механичка вентилација со дишењето, хемодинамиката (крвен притисок, срцева фреквенција), оксигенација, течности и електролити и периоперативен менаџмент на болка. Тоа е светото тројство: анестезија, реанимација и интензивно лекување. „Круна“ е затоа што бара најшироко медицинско знаење, најголема концентрација, најбрза реакција и најголема одговорност за животот - објаснува докторката.



Хирургот оперира орган, а анестезиологот управува со цел организам.

-Тука нема простор за колективно размислување, па се создава висок когнитивен притисок и морална тежина. Ние го ,,гасиме“ пациентот и го одржуваме со лекови, па го ,,будиме“. Пациентот ни го предава животот додека е беспомошен и создава чувство на доверба и голема одговорност. Внатрешно сме полни со адреналин, а надворешно смирени, со висока доза на стабилност и самокритичност - додава Струмениковска-Ристевска.



Над 3.000 дена поминати во дежурства и по 12 часа дневно во сала

Во рамките на работата дежурала 3.000 дена, што е рамно на 100 месеци или повеќе од 8 години дежурства.

-Со тоа се здобив со психолошка зрелост, клиничка интуиција, смиреност и толеранција на кризи, како и скратено време на одлучување. Тоа не се учи од книги. Што мислите, што е она што ме води низ сите професионални препреки, замки и искушенија?! Тоа е бесценетоста на човечкиот живот! Тој дел од работата е наш благослов!- вели докторката.
Најдолго била во операциона сала. при поединечна интервенција, на неврохируршки операција и трансплантација на црн дроб, повеќе од 10 часа. Инаку, во секојдневната практика се случува деноноќно, континуирано да е присутна на оперативни зафати повеќе од 12 часа.



Најсреќна е кога пациентот се буди со витални параметри по операцијата

- Најсреќниот момент во работата не е аплауз или награда. Тоа е моментот кога се стабилизира состојбата на критичниот пациент, кога се буди со стабилни витални параметри по тешка интервенција, кога семејството ќе каже благодарам со поглед кој зборува повеќе од збор - додава таа.

За најтажен момент го смета оној кога и покрај правилниот протокол, не е добар исходот, кога губат млад пациент и знаат дека и медицината има граници. Најболно е кога лоша вест треба да им се каже на блиските.

-Пациентот не е број, не е дијагноза, ниту е клинички случај. Тој ни го доверува својот живот. Буквално ни ја предава свеста и ни создава професионална обврска од највисок ранг - нагласува Струмениковска-Ристевска.



И токму затоа наградата „Д-р Трифун Пановски“ им ја посветува прво на пациентите, без кои вели дека нема ниту повик, ни мисија, ни раст како лекар. Потоа на тимот со кој работи бидејќи ниту една награда не е индивидуален подвиг, на менторите кои ја оформија професионално, клинички и етички. И на семејството - сопругот д-р Драган Ристевски, ќерките д-р Тара Мојсовска и д-р Теодора-Теа Ристевска-Скушек, без чија безрезервна поддршка, грижа, бескрајна љубов и разбирање немаше да биде тоа што е.

Како да се реши дефицитот на анестезиолози?

Повелбата „Д-р Трифун Пановски“ ја доделува Македонското лекарско друштво за долгогодишен континуиран придонес во медицината, стручен интегритет, влијание врз развојот на медицинската практика, професионален и етички кредибилитет, одржување високи стандарди во услови на ограничени ресурси, менторство и формирање кадар, конзистентна клиничка одговорност во критични ситуации и активност во лекарските здруженија.



Македонија денес, како и многу други држави, се соочува со недостиг на лекарски кадар, па и на специјалисти анестезиолози.

-Дефицитот на околу 100 специјалисти може да се надмине со зголемување на капацитетите за обука, со проширување на специјалистичките програми и поттикнување на студентите да изберат анестезиологија, со стипендии и друга финансиска поддршка, подобрување на работните услови, со зголемување на платите, државни стратегии за репродукција и распределба на здравствените работници во руралните региони и поттик за враќање на стручните кадри од дијаспората - вели д-р Тања Струмениковска-Ристевска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот