Научниците разгледуваат еден од најамбициозните геоинженерски проекти некогаш замислени – изградба на огромна брана преку Беринговиот Проток меѓу Русија и Алјаска. Целта e да се заштити Атлантската меридијална превртена циркулација (АМОЦ), еден од најважните океански системи на Земјата, чиј колапс би можел да предизвика драматични климатски промени, особено во Северна Европа.
Иако идејата звучи како сценарио од научнофантастичен филм, новото истражување објавено во списанието „Сајенс адвенсес“ посочува дека затворањето на Беринговиот Проток би можело барем привремено да го забави слабеењето на оваа клучна океанска „подвижна лента“. Но, научниците истовремено предупредуваат дека таквата интервенција би донела низа сериозни ризици и неизвесности.
АМОЦ е клучен за европската клима
Атлантската меридијална превртена циркулација пренесува топла, солена вода од тропските подрачја кон север, каде што таа се лади, тоне и потоа се враќа кон југ како ладна струја. Тој систем го одржува морскиот живот и силно влијае врз климата на Европа, Африка и двете Америки. Благодарение на АМОЦ, Европа ужива релативно блага клима и покрај својата географска ширина.
Научниците сè повеќе стравуваат од колапс
Многу студии во последните години предупредуваат дека АМОЦ слабее. Според истражувањето објавено овој месец, неговата сила до 2100 година би можела да се намали меѓу 43 и 59 отсто, што е дури 60 отсто поголемо слабеење отколку што предвидуваа претходните модели. Последиците од можниот колапс би биле далекосежни. Температурите во Северна Европа би можеле нагло да паднат, би се зголемил ризикот од суши, нивото на морето на североисточниот брег на Северна Америка би пораснало за најмалку 50 сантиметри, а глобалното производство на храна би било сериозно нарушено.
- Доказите сè повеќе упатуваат на колапс, но сè уште постои голема неизвесност - изјави Јеле Сонс од Институтот за морски и атмосферски истражувања при Универзитетот во Утрех.
Како глобалното затоплување го загрозува океанскиот систем
Според научниците, постојат два главни механизми со кои климатските промени можат да го запрат АМОЦ. Првиот е загревањето на Северниот Атлантик, поради што топлата солена вода повеќе не би можела доволно да се олади. Вториот е забрзаното топење на ледените покривки на северот, кое во океанот внесува големи количини слатка вода. Со тоа се намалува салинитетот на морската вода, а помалку солената вода потешко тоне, што дополнително го дестабилизира целиот систем.
Инспирација од далечното минато
Сонс ја добил идејата проучувајќи го средниот плиоцен, период пред приближно три милиони години. Тогаш АМОЦ бил значително посилен, првенствено затоа што копнен мост го затворал Беринговиот Проток.
-Затоа се запрашав што би се случило кога повторно би го затвориле Беринговиот Проток - рече Сонс.
За Беринговиот Проток целосно да се затвори, би било потребно да се изградат три засебни брани, бидејќи во центарот на протокот се наоѓаат два острова. Вкупната ширина на протокот изнесува околу 82 километри. Најдолгата поединечна брана би морала да биде приближно 38 километри. Максималната длабочина на конструкцијата би достигнувала околу 59 метри. За споредба, холандската брана Афслаутдајк е долга 32 километри, додека јужнокорејскиот морски насип Саемангеум Сивол изнесува 33 километри. Неговата најголема длабочина изнесува 54 метри.
Технички изводливо, политички и еколошки исклучително сложено
Сонс смета дека таквата градба технички би била можна. Но, за разлика од постојните големи брани, Беринговиот Проток се наоѓа во исклучително сурово и оддалечено подрачје, со силни морски струи, дебели слоеви мраз и сложени геополитички околности. На едната страна се наоѓа Русија, на другата Соединетите Американски Држави – две светски сили чии односи не се едноставни.
Иако изградбата на браната би можела привремено да го одложи колапсот на АМОЦ, таа не го отстранува суштинскиот проблем – глобалното затоплување.
-Затворањето на Беринговиот Проток би можело да го одложи колапсот во некои услови, но не го отстранува основниот ризик од продолжување на загревањето - вели Бејкер.
Најсигурен начин за заштита на АМОЦ, заклучуваат научниците, останува намалувањето на емисиите на стакленички гасови.
Потребни се нови истражувања
Сонс, Бејкер и Ху се согласуваат дека се потребни дополнителни модели и подетални анализи пред ваков проект сериозно да се разгледува. Засега, идејата за џиновска брана меѓу Русија и Алјаска останува фасцинантна научна можност, но и предупредување колку сериозно климатските промени ги разнишаа планетарните системи од кои зависи животот на милијарди луѓе.
Извор:
Фото: принтскрин/јутјуб