X
 07.06.2019 Наша тема

Да учиш хемија во Македонија е како да учиш да возиш без велосипед

Учењето е активна, а не пасивна дејност. Позната е изреката: „Кажи ми – ќе заборавам, покажи ми – ќе запомнам, вклучи ме – ќе разберам“, вели д-р Марина Стојановска, професорка на Институтот за хемија во Скопје и член на секцијата за образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија

Наставникот има клучна улога во општеството. Tој е еден од најважните фактори за квалитетно образование на учениците. Затоа, посебно внимание треба да се посвети на едукацијата и изборот на идните наставници, вели д-р Марина Стојановска, професорка на Институтот за хемија во Скопје и член на секцијата за образование при Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Овие две институции веќе неколку години организираат семинари со предавања и работилници наменети токму за наставниците. Годинава тема на семинарите беше „2019 – Година на Периодниот систем“. Со Стојановска разговараме колку овие семинари им помагаат на наставниците да ја унапредат наставата на часовите.



- На семинарите, особено во делот со работилниците, се обидуваме да создадеме околина за развој на знаења и вештини поврзани со учење преку истражување, игра и други активности кои може ефективно да се применат во училница.

Како наставната содржина ефикасно да стигне до учениците?


- Наставниците знаат што треба да поучуваат и што треба да знаат учениците на крајот на часот. Најважно е како да се пренесе наставната содржина, кои активности и кој пристап да се применат за учениците да стекнат трајно концептуално знаење. Стручноста, умешноста и креативноста на наставникот најмногу доаѓаат до израз во осмислувањето конкретен наставен час. Наставникот треба да си одговори на прашањата што, како, со какви средства, со кои методи, под какви услови ќе работи и ќе ја реализира поставената цел на часот. Квалитетот на часот во голема мера зависи од наставникот, од неговата стручна подготовка, интерес за предметот, љубов кон работата, вештина за организација и „педагошко мајсторство“. Како на учениците да им се поттикнува и развива мислењето, како ќе им се насочува и одржува вниманието врз основното и битното во наставната содржина, како кај нив ќе се стимулира интересот за работа, како ќе се одржува работната атмосфера во текот на часот и слично. Научникот мора да дојде до претстави, поими и закони кои сè уште не се откриени, а ученикот во наставниот процес треба да го запознае и усвои она што е претходно откриено. Задачата на наставникот е кај ученикот да ги формира овие претстави, поими и закони што се адекватни на научните претстави и закони.

Каде е тука хемијата како наставен предмет?

- Предметот хемија се базира на концепти, од кои повеќето се апстрактни. Затоа учениците често имаат тешкотии во совладувањето и објаснувањето на одделни концепти, особено кога се ставени во положба да веруваат во нешто, без можност да го видат. Понекогаш кај учениците се создаваат и погрешни претстави за некои хемиски поими и концепти. Тогаш наставникот треба да ги препознае и да им посвети посебно внимание за да промовира развој и разбирање на предметот. Учењето е активна, а не пасивна дејност. Позната е изреката „Кажи ми – ќе заборавам, покажи ми – ќе запомнам, вклучи ме – ќе разберам“. Понекогаш учениците седат пасивно во училниците, слушаат, запишуваат, но не размислуваат. Затоа треба да им се даде задача која ќе ги ангажира да размислуваат и со свои зборови да го искажат или напишат резултатот од процесот на мислење. Треба да се поттикнува интересот за темата. Така ученикот полесно ќе ја постави целта на своето учење и ќе ја зголеми внатрешната мотивација. Треба да се остварува нужна корелација со претходните знаења или со животното искуство на учениците, да се создаваат и решаваат проблемски ситуации, да се експериментира и да се истражува...



Наставата по хемија има специфичности кои се одразуваат при изборот на наставните методи. При подинамична настава се остварува разновидно ангажирање на учениците и се стимулира работната атмосфера. Постојат повеќе начини како да се направи тоа. На семинарите предложив еден начин за ефикасно совладување на наставната содржина, кој овозможува активно вклучување на сите ученици и „оживување“ на часовите. Се работи за трансформација на класичната училница во т.н. escape room училница. Во неа учениците решаваат хемиски загатки за да ги отклучат катанците на кутија во која се наоѓа награда. Преку вакви интерактивни и тимски активности, учениците развиваат техника на решавање проблеми и стекнуваат практични вештини на нов, интересен начин. Работат во групи, но сите ученици се активно вклучени. Во овие едукативни игри мора да има хемиска содржина за да не биде само забава, туку начин учениците да научат нешто или да го повторат наученото на поинаков начин. Сепак, главниот збор го имаат наставниците кои ќе ги применуваат и модифицираат овие активности.

Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат наставниците по хемија во македонскиот образовен систем?

- Наставниците и наставната професија (треба да) имаат клучна улога во општеството - тие се клучните фактори за квалитетно образование на учениците. Посебно внимание треба да се посвети на едукацијата и изборот на идните наставници. Тие мора да бидат професионалци во својата работа и да се оспособени да применуваат и самите да изнаоѓаат начини за подобрување на наставниот процес. Но, неопходни им се солидно иницијално (факултетско) образование и континуиран професионален развој. Сведоци сме дека денес наставник може да се стане со општа доквалификација (а не специјализирана за соодветниот предмет). Трае еден семестар и нивото и квалитетот не може да бидат еднакви со знаењата стекнати на целосни студии, особено кога станува збор за природните науки.
На наставниците треба да им се овозможи континуиран професионален развој, но треба да им се вреднуваат и повисоките степени на образование (магистер и доктор на науки) ако се од областа на образованието по предметот за кој изведуваат настава.

Д-р Марина Стојановска, професорка на Институтот за хемија во Скопје и член на секцијата за образование при СХТМ

Еден од најгорливите проблеми во наставата по хемија е опремувањето на училишни кабинети и лаборатории (ако воопшто постојат!). Ова е неопходно и во училиштата (основни и средни), но и на факултетите кои се во многу лоша ситуација во поглед на опременоста. Без нагледни средства и лабораториски прибор невозможна е квалитетна настава по хемија. Многу важно е и тековното одржување на овие лаборатории со потребни материјали и средства за работа. Ситуацијата со непостоење материјали за работа е алармантна. Зборуваме за предмет за кој се потребни лаборатории опремени со посебни инструменти, прибор и хемикалии. Наставата по хемија треба да се одвива во специјализирани кабинети, т.е. лаборатории (кабинетска настава), каде што ќе се изведуваат експерименти.
Учебникот е основно наставно средство, но потребна е дополнителна литература за да можат учениците да го проверат степенот на наученост на концептите и да го прошират и продлабочат своето знаење. За жал, наставниците се оставени сами да се снаоѓаат. Има и друг фактор за кој често се дискутира, но ништо не се презема. Платите на наставниците од основните и од средните училишта се ниски, а ситуацијата е уште полоша во високото образование. Се надевам дека наскоро тоа ќе се смени.

Што значи да се учи хемија без лабораториски прибор и нагледни средства за експериментална работа?

- Исто како да учите да возите велосипед без велосипед! Неопходна е редовна набавка на средства за работа во училиштата, но и основни средства и инструменти за работа. Мора да се формира годишен буџет за настава по хемија. Програмата позната како „Кембриџ“ подразбира постоење на добро опремени лаборатории и обезбедување услови за имплементација на истражувачки активности. Тоа води кон развој на истражувачките вештини и креативното размислување кај учениците. Но, нема никаква полза од планирање добар наставен час со модерна опрема за изведување хемиски експерименти ако претходно не се обезбедени соодветни услови. Листата со минимум потребни ресурси за реализација на наставните програми по хемија за основно образование е дадена на веб-страницата на Бирото за развој на образованието, но не наоѓа практична примена и реализација во основните училишта.

И повторно се враќаме на недостигот од дополнителната литература по хемија. Како еден од професорите на Институтот за хемија вклучени во обука на идни наставници се обидов барем малку да го надополнам овој недостиг и во изминатите две години со помош на двајца колеги, наставници од факултет и од основно училиште, издадов два прирачника со прашања и задачи по хемија за осмо и деветто одделение, кои, се надевам, ќе им бидат од голема корист и на учениците и на наставниците. Предложени се и повеќе хемиски игри, симулации, видеоексперименти, тестови, предлози за други експерименти и активности преку кои учениците ќе можат да ги усвојат хемиските концепти, а наставниците да ја приближат хемијата до учениците. Со колегите Владимир Петрушевски и Миха Буклески изработивме квалитетни снимки од дваесетина експерименти кои сигурно ќе им помогнат.



Во однос на професионалниот развој, ситуацијата е крајно лоша и за наставниците од основните и од средните училишта, но и за нас од универзитетите. Од нас се бара да објавуваме научни трудови, да учествуваме на конференции како дел од критериумите за избор во звање. Како да се постигне тоа со нула финансии? Како ќе соработуваме со колеги од други држави, како ќе добиваме и разменуваме идеи кои би ги примениле во наставниот процес ако немаме можност да одиме на вакви конференции, освен ако немаме длабок џеб, па самите да си ги покриеме трошоците (а немаме!). Слична е ситуацијата и со наставниците од основните и средните училишта.

Како овие семинари им помагаат на наставниците и професорите по хемија да бидат во тек со актуелните состојби во хемијата во Македонија денес?

- Тие се битен дел од професионалниот развој на наставниците, континуиран процес кој почнува првиот, а завршува последниот ден од работната кариера на наставникот. Тоа е процес на доживотно учење во кој наставникот постојано се надградува и усовршува. Во наставната професија не е доволно наставникот да биде само стручњак во својата област. Крајната цел на професионалниот развој е стекнување, проширување и продлабочување на знаењата и вештините што ќе им помогнат на наставниците во школските и воншколските активности, како и полесно соочување со образовните реформи. Освен тоа, развојот на науката и технологијата и развојот на наставните методи доведуваат до тоа студентите – идни наставници денес да се поучуваат на поинаков начин од пред неколку децении, па затоа неопходно е самообразование и усовршување на наставната практика.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема