Основање иновативен центар за апитерапија во планинското село Лавци во Битола, кој ќе овозможи лекување и релаксација на посетителите, вака накусо изгледа концептот „Дигитално поддржана One Health апитерапија во планинското пчеларство“ на Кристијан Саламовски, апсолвент на Ветеринарниот факултет во Битола. Со неа тој ја освои втората награда на натпреварот за иновативни идеи „Deep Tech EnterPRIZE“, реализиран во проектот „NanoBioTech Nexus“. Целта на натпреварот беше поддршка на развојот на напредни технологии и реална примена на истражувачките идеи во бизнис-секторот.
Саламовски освои парична награда од 8.000 евра за концептот кој ги интегрира современите технологии во апитерапијата и One Health (едно здравје) и за луѓето и природата.
Потекнува од пчеларско семејство
- Пчеларството е наша фамилијарна преокупација, најактивен е татко ми, но сите сме вклучени зашто ги сакаме пчеларството и пчелите. Јас сум апсолвент по ветеринарна медицина и апитерапијата е дел од мојата професија. Така настана и овој спој на пчеларство, иновативни технологии и, секако, концепцијата One Health, што е современ концепт во здравството што буквално значи „едно здравје“, интегрално, не само здравјето на луѓето, туку и здравјето на животните и на животната средина - вели Саламовски.
Иновативниот центар предвидува апитерапија која се состои од вдишување аеросоли, мешавина од повеќе корисни елементи, директно од пчелното живеалиште. Тоа се прополисот, нектарот, етеричните масла, флавоноидите, медот, восокот, матичниот млеч, поленот и други лековити материи. Лицата што ја практикуваат оваа терапија преку инхалирање, користејќи специјални инхалатори дишат воздух во амбиентот каде што пчелите ги создаваат своите производи, па ваквиот третман многу помага во борбата со респираторните заболувања и го зголемува имунитетот. Но, тоа не е сѐ зашто може да се практикуваат и други третмани кои се применуваат во други велнес-центри, но тука придобивката е што за тоа се користат пчелни производи кои се благопријатни за кожата и релаксирачки за луѓето.
Подобрување на здравјето и релаксација на луѓето
- Mоже да се применува терапија со пчелни производи, а може да се комбинира со инхалациона апитерапија. Може да се користи како апивелнес, значи, само за релаксација и придонес кон добросостојбата или, пак, како природен додаток за подобрување на здравјето на луѓето. Придобивките се многу големи - вели Саламовски.
Концептот „One health“ е мултисекторски со цел постигнување оптимални здравствени резултати, препознавајќи ја меѓусебната поврзаност помеѓу луѓето и животната средина.
- Пчелите се многу важни за опстанокот на сите видови во природата. Тие се главни опрашувачи и директно влијаат врз опстанокот на растителниот свет, а од друга страна, пчелните производи, како традиционалните така и иновативните, се докажано корисни за здравјето на луѓето. Иновативните технологии се применуваат во иновативното пчеларство низ светот за обезбедување енергија, мониторинг на активноста на пчелите, ефективноста на пчелното стопанство итн. Иновативната апитерапија, реализирана во планинско место кое е уникатно според природата и животната средина, навистина би придонела за концептот „One health“ - вели Саламовски.
Апитерапијата е малку застапена во Македонија
Истражувањето што го направи покажува дека во Македонија апитерапијата е многу малку застапена, а заслужува поголемо внимание со оглед на тоа дека државата изобилува со природни и еколошки места, како и соодветни услови за развој на пчеларство.
- Средствата од наградата се наменети за апликативни цели, односно практична примена и ќе бидат употребени според намената и во координација со донаторите, а тоа е NanoBioTech проектот, за што сум му навистина благодарен на мојот Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола за иновативноста и огромната поддршка што ни ја дава нам, на студентите, преку ваквите иницијативи - вели Саламовски.
Тој бил корисник и на други грантови, претежно за истражувачки проекти, како на пример грант од Обединетото Кралство за истражување на благосостојбата на животните. Има изработено и научни трудови, меѓу кои и „Компаративна онкологија - преглед на сличностите помеѓу животинскиот и човечкиот рак“, изработен под менторство на деканот од Ветеринарниот факултет, проф. д-р Никола Караболовски, објавен во универзитетското списание „Нови хоризонти“.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.