X
 09.06.2020 Наша тема

Радослав Јанкоски работи како симулациски експерт во светскиот гигант МАГНА

Во текот на работното време сум во постојана комуникација со дизајнерите и се обидувам да одговорам на сите нивни барања, а со тоа всушност активно го поддржувам процесот на дизајнирање со помош на најновите и најсофистицираните симулациски методологии, објаснува Јанкоски

Во низата наши успешни научници и експерти што градат кариери во светски познати компании се вбројува и Радослав Јанкоски, гостиварец кој дипломирал на ФЕИТ, магистрирал со просек 10, па заминал на докторски студии во Германија. Добитник е на многубројни награди и признанија во Македонија, но и во странство. Автор е на повеќе научни трудови, за кои исто така е наградуван.

Јанкоски сега работи во Австрија во компанијата МАГНА, светски гигант од областа на автомобилската индустрија, како симулациски експерт од областа на електромагнетиката и електромагнетната компатибилност. Вели дека неговиот фокус е на една важна тема во оваа индустрија - комплетната електрификација на возилата. 

Втората интернационална награда ја добил во Јужна Кореја во 2017

- Многу често инженерите од МАГНА, кои се занимаваат со дизајн на одредени делови, природно доаѓаат до потреба од симулирање на истите на компјутер. Целта на овој пристап е уште во раната фаза на дизајнот да се предвидат потенцијални проблеми и да се понуди решение. Со помош на алгоритми за оптимизација се доаѓа до оптимални верзии од уредот во смисла на ефикасност. Токму ова е мојата главна задача и секојдневна активност во компанијата. Во текот на работното време сум во постојана комуникација со дизајнерите и се обидувам да одговорам на сите нивни барања, а со тоа всушност активно го поддржувам процесот на дизајнирање со помош на најновите и најсофистицираните симулациски методологии - објаснува Јанкоски.

Кој е всушност најголемиот предизвик со кој се соочувате на работа?

- Еден од поголемите предизвици со кои се соочувам е валидирање на компјутерските модели. Ова подразбира стекнување доверба во моделот дека реално ја симулира физичката реалност. Во практика се случува мерењата значително да се разликуваат од симулациите. Ова бара посебен ангажман од моја страна да размислувам за поточни модели. Од друга страна, пак, точните модели бараат и голема компјутерска моќ. Ова е уште еден предизвик каде што морам да барам баланс помеѓу точноста и искористувањето на компјутерските ресурси.

Докторските студии ги завршил во Германија

Како кризата со пандемијата влијаеше врз Вашата работа во компанијата?

- Што се однесува до кризата поврзана со коронавирусот, морам да признам дека мојата работа се одвиваше непречено. Тоа е поврзано со самата природа на професијата. На моите задачи можам да одговорам професионално, со работа од дома. Пристапот до симулацискиот софтвер ми е овозможен далечински. Сите комуникации и состаноци се одвиваат преку интернет.

Што е генерално Вашето поле на интерес како научник?

- Има два важни аспекта во науката за симулациските технологии и самата нивна примена во практика кои влегле во доменот на мојот интерес. Првиот аспект е самата математичка заднина на нумеричките методи, врз чија основа функционираат комерцијалните симулациски софтвери, и нивната ефикасна имплементација на компјутер. Вториот аспект е генерирање технички релевантни резултати за практиката со помош на компјутерски симулации. Токму овие теми биле во фокусот на моите академски истражувања и во сегашниот ангажман во МАГНА.

Зошто одбравте да станете електроинженер? Има ли некоја посебна причина за тоа и зошто се одлучивте за ФЕИТ?

 

- Уште во раните средношколски денови развив голема страст за електромагнетизмот како научна гранка на физиката. Ме интересираа и другите области, но оваа особено ми го привлекуваше вниманието. Од друга страна, сакав општеството, па ако може да кажам сега и светот, да има корист од сето тоа. На овој начин во мојата младост созреа идејата за студирање електротехника. Во времето кога се одлучуваше за уписите, ФЕИТ имаше и сѐ уште има репутација (сосема оправдана) на еден од најквалитетните факултети во Македонија. Го одбрав ФЕИТ за да се здобијам со силна основа за моите понатамошни професионални планови. 


Дипломиравте на ФЕИТ, а магистерските ги завршивте со просек 10. Какво искуство беше студирањето, како македонското образование Ви донесе добра основа за доградување и успех во странство?

- Дипломирав на модулот електроника, радиотехника и процесирање на сигнали, а магистрирав на енергетска ефикасност, животна средина и одржлив развој. Додипломските студии ги исполнија моите очекувања во поглед на квалитетот во наставата и имав позитивно искуство од работата на професорите. Овде би сакал да го издвојам периодот кога бев магистранд кај академик. проф. д-р Леонид Грчев.

Имено, во овој период имав ретка можност да добијам силна и квалитетна супервизија која ми помогна да ги направам моите почетни чекори во областа која денес е моја професија. Во тимот на професорот Грчев ги напишав првите линии-код за симулации и ги објавив првите конференциски трудови. Фактот што подоцна добив германска стипендија за докторски студии со македонски магистерски студии говори за тоа дека во најмала рака сме биле еднакво добри со останатите тимови во Европа и светот што се занимавале со истата проблематика.


Имате објавено повеќе трудови во меѓународни списанија... Колкав личен труд е потребен за да се стане автор на ценето и цитирано истражување, што всушност е потребно?

- За да се стигне до ниво каде што човек може да објавува научни трудови во одредена област, прво е потребно да има длабоко познавање на фундаментите. За овој дел е потребна континуирана и дисциплинирана работа во текот на додипломските и магистерските студии. Најчесто мора да се работи и самоиницијативно. Второ, потребно е да се познава веќе објавената литература на темата. Ова подразбира да се знаат барем најрелевантните научни трудови што го претставуваат моменталниот статус на научното достигнување. Како трето, штом еднаш се знае кој е моменталниот статус, тогаш се прави обид да се даде оригинален придонес, со тоа што ќе решите важен проблем. Ова обично се препознава од научната заедница и официјално се прифаќа како ваша публикација. Нормално, во текот на работата човек мора да има голема желба, страст, креативност за да помине низ тој процес. Важна е, исто така, и супервизијата од менторите, кои мора да бидат компетентни во областа.

Вашите трудови се наградувани, како надвор така и во Македонија. Кои се најуспешни, споменавте дека еден од нив Ви овозможил стипендија во Германија...

- Од субјективен аспект, секоја награда, независно од тоа дали е домашна или интернационална, имала посебно значење во мојот професионален живот. Би издвоил две интернационални награди. Првата интернационална награда е поврзана со едно мое учество во тримесечен проект на техничкиот универзитет „Илменау“ во Германија, од октомври до декември 2013 година. Овде најдов еден ефикасен начин на симулирање Лоренцова сила во една техника која се нарекува недеструктивно евалуирање на материјали. Конференцискиот труд кој следуваше од овој проект беше награден во Романија во 2014 година на Интернационалната конференција за електромагнетна компатибилност. Исто така, се здобив со силни препораки од професорите во Германија. Токму овој проект ми помогна по моите магистерски студии да добијам ДФГ-стипендија во 2015 година на Техничкиот универзитет во Дармштат.

Втората интернационална награда ја добив во Јужна Кореја во 2017 година на интернационалната конференција COMPUMAG поради презентирањето на една апстрактна метода во симулационите технологии. Оваа награда ми е особено важна бидејки COMPMAG е конференција од висок калибар во светот каде што се собираат најголемите експерти од областа на електромагнетиката и симулационите методи. Кога оваа заедница му доделува награда на млад докторанд, тоа е сигнал дека сте на добар пат во тоа што го работите и тие го препознаваат тоа.

Радослав живее во Австрија

Кога сме кај Германија, какво искуство беа докторските студии? Што беше најкорисно?

- Еден од најубавите периоди од мојот живот се токму докторските студии во Германија. Во овој период првпат се најдов во интернационална атмосфера и почнав да се навикнувам да размислувам глобално. Финансиската слобода што дојде со самата стипендија ми овозможи да работам посветено на научно истражување и да бидам онолку креативен колку што е потребно за да се направи оригинален придонес во научната заедница.

Она што е можеби интересно да се потенцира е германската култура поврзана со критиката. Имено, секој докторанд мора да се навикне да биде изложен на строга критика поврзана со научната работа. Морам да признаам дека германските супервизори беа прилично строги. Ова ми помогна, покрај креативноста, да развијам и силна критичка мисла. Ова искуство го сметам за многу важно.

Зошто одлучивте да ја продолжите Вашата кариера во индустријата, како МАГНА, на пример, а не продолживте со работа на некој универзитет?

- По докторските студии почувствував потреба стекнатите вештини од областа на симулационите методи да ги применам строго во практика. Компанијата МАГНА се појави со позиција која точно одговараше на моите квалификации и бев прилично добредојден како доктор по електротехнички науки.

Какви успеси си посакувате во иднина како инженер-научник, кон што целите?

- Иако зачекорив со голема самодоверба во автомобилската индустрија како симулациски инженер, сепак, пред мене е една голема област наречена електрификација на возила. Сега сум насочен кон тоа да ја изучам темелно оваа област и сите проблеми што се поврзани со неа. Посакувам да имам што е можно поголем број успешни проекти зад себе во оваа област.

Македонското образование... Какви промени ни се потребни, кој сегмент сметате дека треба најмногу да се реформира?

- Од она што досега го кажавме можеме да заклучиме дека македонското образование има капацитет да продуцира кадри кои можат да одговорат на предизвиците на модерното време. Економијата и финансиите секогаш го имаат последниот збор. Би било убаво да постојат стипендии кои покриваат докторски студии во нашата земја. Најчесто нашите докторанди вложуваат многу време во наставата како асистенти и речиси немаат време да се фокусираат на истражувањето. Ова не значи дека не треба да се ангажираат во настава, но би требало да постои начин да се фокусираат повеќе на истражување во тој период од студиите.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема