Околу 60-тина посетители беа дел од летната школа „EMBEDED: Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи“ која се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Според професор д-р Јосиф Ќосев, неопходно е да се потенцира дека многу средношколци биле дел од обуката.
„Во 2011 година се одржа првата ваква Школа на ФЕИТ која привлече најголемо внимание од студентите во однос на сите останати партнерски факултети во проектот. Тоа беше силен мотив школата да се одржи и наредната година, иако проектот веќе заврши. Оттогаш, бројот на пријавени кандидати постојано расте: од дваесетина првата година – до преку седумдесет годинава. Дополнително, би го истакнал интересот на средношколците за посета на Школата. За таа цел постои т.н. „почетна“ група каде што учествуваат (доминантно) студенти од првите две години на студии, но и средношколци кои планираат да студираат на ФЕИТ.“, вели Ќосев.
Сите посетители на Летната школа, претпладне, слушаа предавања на ФЕИТ, а попладне работеа практично: две групи во Лабораторијата за електроника на ФЕИТ, а една група во Едукативниот центар на СЕАВУС – СЕДЦ. Предавачи на Школата беа професори и соработници на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Електронскиот факултет во Ниш, Србија, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, од Машинскиот Факултет Скопје и специјалисти во областа од компанијата СЕАВУС. Во практичниот дел на учесниците им помагаа студенти од завршата година на програмата Компјутерско Хардверско Инженерство и Електроника (КХИЕ) на ФЕИТ.
Летната школа се одржува во седмицата веднаш по завршување на јунската сесија, а тоа оваа година е од 19.06.2017 до 23.06. Настанот го организира Институтот за електроника при ФЕИТ во соработка со СЕАВУС. Опремата за две од групите на Школата ја подготви Институтот за електроника, додека една од групите работи со опрема донирана од компанијата Логинг електроникс – Скопје.