X
 03.02.2016 Технологија

Во пресрет на RoboMac 2016, интервју со Георги Костов, претседател на организацискиот одбор

Во понеделникот започна пријавувањето за учество на „RoboMac 2016“. Истото ќе трае до 10 февруари, а може да се пријавуваат сите студенти и средношколците во завршната година од средното образование. Повеќе за можноста да се работи со меѓународни тимови и вистински роботи ни кажува Георги Костов, претседател на Студентскиот огранок на Македонската Секција на ИЕЕЕ и претседател на Организациониот одбор на РобоМак 2016. 


Факултети.мк: Започна пријавувањето за овогодинешниот RoboMac. Кажи ни, каков е интересот до сега?

Георги: Точно, пријавувањето започна од 1-ви февруари и ќе трае до 10-ти. Многу пријатно сме изнанадени од големиот одзив и заинтересираност на кандидатите во првиве неколку денови. Она што навистина нè радува е што покрај големиот број пријавени студенти, оваа година имаме и зголемен број на средношколци и интернационални студенти.

Факултети.мк: Кои студенти ги исполнуваат условите за учество?

Георги: Право на учество имаат сите студенти, како и средношколците што се во завршна година. Она што е најважно е учесниците да се заинтересирани и да имаат желба за учење на нови работи од областа на роботиката и вештачката интелигенција.





Факултети.мк: Од оваа година се воведени и нови категории за учество. Кажи ни нешто за категориите.

Георги: Да, од оваа година се воведени и две нови категории кои ќе бидат наменети за повозрасните студенти. Заедно со категоријата Вештачка интелигенција која е воведена од минатата година, двете нови категории се Генерирање на траекторија на топка робот (Sphero) и Симулација на автономно управување на квадрокоптер. Во првата категорија натпреварувачите ќе имаат за задача да направат свој алгоритам кој ќе ја генерира траекторијата по која ќе се движи топка роботот, притоа избегнувајќи ги препреките во околината. Од дадената околина со препреки се генерира слика од птичја перспектива, според која треба да се пресмета траекторијата во алгоритмот. Втората категорија е идеална за ентузијасти заинтересирани за управување на квадрокоптер и програмирање во Python.


Факултети.мк: Изминатите години имаше учесници и од странство. Дали тоа е така и оваа година и кои земји се застапени?

Георги:
Како и досега, и оваа година очекуваме доста пријавени кандидати од странство. Овој натпревар е одлична можност за ФЕИТ и IEEE да остварат контакти со факултетите и студентските организации, првенствено од Балканот а се разбира и пошироко.


Факултети.мк: Зошто би ги советувале студентите и средношколците да го посетат настанот?

Георги: RoboMac е настан од натпреварувачки и образовен карактер, но наша цел исто така е и промовирањето на меѓународна соработка и дружба помеѓу сите вљубеници во науката и технологијата. Во претходните шест години имавме можност да уживаме во предавања на професори и експерти од роботиката, како и на стручни лица од индустрискиот сектор, а дел од традицијата ни е и организирањето на неформални дружења и забави, па затоа ги покануваме сите заинтересирани студенти и средношколци да ни се придружат и оваа година на овој незаборавен и уникатен настан.

Повеќе за пријавувањето дознајте ОВДЕ.


Подготвил: Драгана Петрушевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија