X
 09.10.2021 Живот

Совети на Хелен Мирен за подобар живот

За време на заклучувањето, Хелен Мирен се шминкала секој ден бидејќи тоа ѝ го подобрувало расположението. По заклучувањето, таа ја користи секоја пригода да се дотера и да облече прекрасни креации.

Оваа дама доминираше на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал, танцуваше на дождот среде Венеција минатиот месец со колегата Вин Дизел и прошета на пистата за „Лореал“ во Париз.

Познатата актерка редовно покажува дека животот не само што не треба да ни биде бавен кога ќе достигнеме одредени години, туку е и полн со можности - ако сме подготвени да ги прифатиме и да работиме за нив. Со нејзините 70 години, таа ги отелотворува самодовербата и енергијата што би сакале да ја имаме сите, и открива кои се нејзините тајни и совети за подобар живот.

Бидете отворени

Мирен нѐ потсетува дека не смееме да дозволиме несигурноста да нѐ парализира, туку мора да се охрабриме и да погледнеме во нашата околина од позиција на некој што ја гледа првпат - да ја доживееме магијата на она што нѐ опкружува.

- Разговарајте со луѓето, бидете отворени - вели таа.

Прифатете се себеси


- Имам дебели образи и секогаш ги вовлекував. Но, не можете да ги вовлечете образите и да се смеете истовремено - тоа е невозможно! Затоа, никогаш не се смеев. Потоа открив дека е навистина убаво да се смееш отворено и слободно, не со мала срамежлива насмевка, туку со голема - вели Хелен.

Покрај тоа, Мирен е голем поддржувач на седата коса и ги охрабрува жените да не се обидуваат да исполнат некои наметнати стандарди за убавина, туку да го прават она што им се допаѓа.

- Треба да се поттикнат жените да носат седа коса - што не значи дека не можете да си играте со вашата коса бидејќи е важно како се чувствувате - вели таа.

Здравјето доаѓа однатре

Мирен истакнува дека треба да се грижиме за нашата исхрана - да најдеме режим што ни одговара бидејќи она што го внесуваме во телото навистина влијае врз тоа како се чувствуваме. И не треба да се заборави на вежбањето, во кое најважна е упорноста. Хелен Мирен признава дека е мрзлива личност, но редовно ја применува 12-минутната рутина за вежбање на канадските воздухопловни сили.

- Ништо екстремно, но треба да го правите тоа секој ден. Тоа е добар почеток бидејќи сето тоа има врска со преземањето контрола - вели таа.

Извор: Elle.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот