X
 09.11.2026 Живот

Огнен Пендаровски, студент на генерација на ФЕИТ, носител на „Инженерски прстен“ и магистер на „Кембриџ“: „Развивањето нови технологии е ефикасен начин да се зголеми просперитетот на општеството“

Основното образование го заврши во училиштето „Стив Наумов“, додека средното образование го помина во гимназијата „Орце Николов“. По ова продолжи со студии на ФЕИТ и на „Кембриџ“. Патот до „Кембриџ“ се состоел од повеќе години работење на високи оценки и учество во проекти, вклучувајќи и научен труд. Дополнително, била потребна силна подготовка за да ги помине влезните технички интервјуа на Кембриџ програмата.

Која беше мотивацијата професионалното патување да го почнеш на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје?

Мојот интерес, уште од рано детство, е насочен кон математиката, која претставува предизвик што ме мотивира, низ школските години, да ја проучувам повеќе од тоа што е одредено според курикулумот. Паралелно со тоа, компјутерите беа мое примарно хоби - го следев нивниот хардверски развој и почнав да учам да програмирам. Во последните две години од моето средно образование, кога дојде време да изберам патека за моите понатамошни студии и евентуална професија, Факултетот за електротехника и информациски технологии природно се вклопуваше во оваа приказна за некој со интереси како мене. Дополнителна потврда за изборот добив од повеќе поранешни студенти на ФЕИТ, кои со пофални зборови ми укажаа кон неговите академски стандарди и квалитет на наставниот кадар. Веќе немав сомнеж дека тоа е вистинскиот избор, нешто што само се потврди при студиите.

Што значи да се биде студент на генерација на ФЕИТ и притоа да се стане носител на престижната награда „Инженерски прстен“?

За мене, тоа е голема чест и признание за повеќегодишната работа внесена во тие четири години, со сите академски предизвици опфатени во нив. Со овие награди следуваат и зголемени очекувања, што е вредно бидејќи даваат повеќе мотивација за идните чекори во мојата кариера.

Како од интерес кон математиката во детството денес во фокусот ти се новите технологии?

Развивањето одредени компетенции рано во животот го менува нашиот светоглед. Во мојот случај, раното занимавање и интерес со математиката и компјутерите поттикна специфичен начин на размислување и во неповрзани ситуации. Кога дојде време да се направи кариерен избор, моето знаење и интереси беа строго насочени кон ваква дисциплина. Дополнително, раното навлегување во овој свет длабоко ми ја вкорени идејата дека воведувањето и ширењето на речиси сите технологии во историјата имало силни и долготрајни позитивни последици за општествата што ги усвојувале. Следствено, работењето на развивање нови технологии, во моите очи, не е само интересна и интелектуално стимулативна занимација, туку е ефикасен начин да се зголеми просперитетот на општеството.

Каква основа стекна на ФЕИТ за тоа што те очекуваше на „Кембриџ“?

Една работа од која стравував беше транзицијата од додипломски студии во електроинженерството до магистерски студии во компјутерските науки. Но, со широкиот опсег на предмети на ФЕИТ, вклучувајќи и изборни предмети во моето поле на специјализација - вештачката интелигенција – не се најдов во ситуација да имам недостатоци или празнини во знаењето, дури и во споредба со други студенти од силни интернационални факултети и со претходна заднина во компјутерските науки. Особено ја издвојувам математичката основа добиена од ФЕИТ, која беше повеќе од доволна за совладување на обемниот материјал и негово користење во различните практични проекти.



Какво искуство, совет, мислење би им дал на сегашните студенти на ФЕИТ?

Сите сегашни и идни студенти на ФЕИТ би ги советувал да најдат внатрешна мотивација за некое поле и потполе од тоа што го учат. Студиите сами по себе траат повеќе години, но последователната инженерска кариера е повеќедецениски маратон. Секој дополнителен извор на мотивација е значаен за да работиме и да се усовршуваме во такви временски рамки. Дополнително, верувам дека има огромна вредност, особено во период со забрзан технолошки развој, во развивање директно искуство со работење со нови технологии наспроти само стриктно држење до тоа што се бара од факултетот. Голема предност на ФЕИТ е тоа што професорите се отворени и охрабрувачки настроени кон амбициозни проекти во нови и неистражени технологии. Би препорачал секој студент да ги искористи овие можности.

Што значи да се магистрира на престижниот „Кембриџ“?

Магистерската програма се состоеше од пет предмети и магистерска теза, кои се одвиваа преку три семестри распоредени во една академска година. Предметите се изборни и ги опфаќаат сите полиња на компјутерската наука. Мојот избор главно беше насочен кон предмети од областа на вештачката интелигенција. Во рамките на предметите имаше комбинација на стандардни предавања и групни читања трудови, каде што секој студент проучува неколку зададени академски трудови, ги презентира пред другите и потоа се дискутира. Вториот модел се покажа особено погоден за брзо учење и разбирање на најновите достигнувања во опфатените полиња. Генерално, меѓу часовите се бара читање на голем волумен стручен материјал. Предвидени се и повеќекратни вежби и тестови во семестарот. Најголемиот дел од оценката по предметите доаѓа од проектите, каде што од секој студент (или група студенти) се очекува одредена идеја од нов научен труд да се надгради според некоја важна метрика.
Магистерскиот проект е постандарден во својата структура - на почетокот на годината се избира ментор и поле на интерес и во остатокот на програмата се проучува литературата, се наоѓа недостаток во актуелната развојна состојба, се поставува конкретна идеја која би го адресирала тој недостаток, се прават експерименти и се пишува самата теза.
Темата што ја избрав беше фокусирана на ефикасно резонирање со големите јазични модели, специфично за математички докази претставени во формални јазици. Конкретно, дизајниравме нов метод за проценување на важноста на различни делови во синџирите на размислување на јазичен модел, со повеќе критериуми за процена, при што се задржуваат само најважните елементи на резонирањето. Ова доведе до статистички значајно подобрување на ефикасноста на јазичниот модел при одговарање на прашања од формален математички карактер.



Кои се твоите впечатоци од студиите на „Кембриџ“?

Прво нешто што забележав во мојата програма на „Кембриџ“ е дека таму студираат многу талентирани и работливи студенти, од луѓе со образовни заднини кои не се само компјутерските науки, туку и електроинженерство, математика, физика, финансии. Со оглед на високата селективност при приемот, сите се врвни програмери и настроени кон истражување. Разговорите меѓу нас се одвиваа диспропорционално на теми од технички карактер, дури и надвор од дискусиите поврзани со нашите студентски обврски. Професорите се грижат часовите и проектите да се релевантни со најновите пронаоѓања, понекогаш реферирајќи се и на нивни поранешни студенти кои имале улога во нивното развивање. Сѐ на сѐ, таква исклучително конкурентна и пријателска околина поттикнува кон мотивација и амбиција повеќе од што друго било.

Кои се идните планови на професионален план?

На краток рок, цел е мојата магистерска теза да ја објавам како труд на некоја поважна научна конференција. Гледајќи на подолг рок, следната година сакам да ја поминам работејќи со вештачка интелигенција во индустријата, најидеално на тема блиска до моите полиња на интерес. Потоа, планирам да продолжам со истражувачката дејност и да започнам докторски студии. Во секој случај, сметам дека моменталната состојба на развој на вештачката интелигенција е фасцинантна и уникатна во науката со огромна динамика и простор за промена на парадигмите, но и од аспект на нејзината пролиферација, речиси во секој сегмент на општеството. Во сето ова гледам ретка можност и личен предизвик за свој понатамошен развој и усовршување.

Фото: приватна архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот