Генетската анализа на џиновската желка Џонатан, за која се проценува дека има 194 години и дека е најстарото копнено животно на светот, откри можни траги на долговечност кои еден ден би можеле да придонесат за развој на терапии за забавување на стареењето кај луѓето, се наведува во новото истражување објавено во списанието „Сајенс адвансез“.
Истражувачите го анализираа геномот на Џонатан, односно целиот сет на неговата ДНК, како и епигеномот, кој ги опфаќа механизмите за вклучување и исклучување на гените. Тие забележаа 287 генетски варијанти поврзани со заштита од клеточни оштетувања кои се натрупуваат во текот на животот.
- Секогаш се претпоставувало дека нивниот метаболизам е многу побавен во споредба со нашиот. Тоа значи дека процесите што се одвиваат во клетките се побавни, па има помалку хемиски реакции и со самото тоа и помалку оштетувања на клетките и на ДНК - изјави Џастин Герлах, соработник на одделот за биологија на Универзитетот „Кембриџ“.
Според него, анализата покажала дека Џонатан поседува гени поврзани со ефикасна поправка на ДНК и намалување на воспалителните процеси, што се два важни механизми во проучувањето на стареењето.
Исто така, научниците утврдија дека оваа желка и во длабока старост успева да одржува соодветна активност на гените, додека кај многу други животни, вклучувајќи ги и луѓето, таа контрола за време на стареењето се нарушува.
- Нашите клетки почнуваат да функционираат на погрешен начин и доаѓа до развој на болести, како што е ракот. Меѓутоа, Џонатан ги зачувал генетските механизми на контрола карактеристични за многу помладо животно - наведе Герлах.
Џонатан припаѓа на видот џиновски желки од атолот Алдабра на Сејшелите, а најголемиот дел од животот го поминал на островот Света Елена, британска прекуморска територија во јужниот Атлантик.
Неговата точна возраст не е позната. Научниците проценуваат дека има околу 194 години врз основа на фотографија од 1882 година. Бидејќи овие желки ја достигнуваат возрасната големина на приближно 50 години, истражувачите ја пресметаа неговата приближна возраст врз основа на таа фотографија.
Гувернерот на Света Елена во 2022 година му одреди официјален датум на раѓање, 4 декември 1832 година, иако истражувачите не ја исклучуваат можноста дека е уште постар.
Џонатан е тежок околу 180 килограми и сè уште е активен, иако го изгубил видот поради катаракта. Примероците од ДНК за истражувањето беа собрани со брис од усната празнина, за да се избегне ризикот од инфекција со оглед на тоа што животното е старо.
Со споредувањето на неговиот генетски материјал со примероците од помлади припадници на истиот вид од атолот Алдабра, истражувачите забележаа значајни сличности, додека митохондриите, клеточните структури кои произведуваат енергија, беа во изненадувачки добра состојба.
- Одредени податоци укажуваат на тоа дека здравјето на митохондриите е важно за долговечноста, а истражувањата покажаа дека луѓето што ќе доживеат 110 или повеќе години имаат поефикасни митохондрии. Нашите наоди кај Џонатан се во согласност со тие резултати - вели Стивен Кларк од фондацијата „Калел“, непрофитна организација од Нешвил која се занимава со истражување на долговечноста
Тој додаде дека геномот на Џонатан нуди мапа на клеточна отпорност што би можела да се претвори во третмани за луѓето.
Извор:
Euronews.rs
Фото:
Instagram