X
 11.01.2022 Живот

Како да аплицирате за финансиска поддршка за електрична енергија

Министерството за економија го објави огласот за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година.

Финансиската поддршка ќе им биде доделена на лицата со ниски примања чии редовни месечни примања во домаќинството не го надминуваат нето-приходот од 30.000 денари, и тоа за:

-самец до 15.194 денари;
-домаќинство со два члена до 18.000 денари;
-домаќинство со три члена до 21.000 денари;
-домаќинство со четири члена до 25.000 денари и
-домаќинство со пет и повеќе члена до 30.000 денари.

Самците и домаќинствата со два или три члена ќе добијат финансиска поддршка преку намалување на месечната сметка за потрошената електрична енергија во износ од 600 денари месечно, додека на домаќинствата со четири, пет или повеќе членови ќе им биде помогнато со 800 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето.

Рокот за аплицирање на огласот е 30 дена сметано од денот на објавување.

За да аплицирате за добивање финансии за електрична енергија, треба да го преземете и пополните барањето (може да го преземете ТУКА) и заедно со него во Министерството за економија да ги доставите следните документи:

-изјава заверена на нотар со која се потврдува дека целата приложена документација е точна и веродостојна (може да ја преземете ТУКА);
-потврда од работодавецот за висината на исплатената плата во 2021 година или извештај од банка за уплатени пензиски примања од Фонд за ПИОМ (чек за пензиски примања) за висината на исплатената пензија во 2021 година и извод од банка за сите трансакциски сметки за 2021 година за подносителот и членовите на домаќинството (доколку се вработени или приматели на пензија);
-потврда од Агенцијата за вработување со која се докажува дека членовите на домаќинството не се вработени, доколку истите не се вработени и/или потврда од Фонд за ПИОМ дека членот на домаќинството е примател на пензија;
-доказ за членовите на домаќинството на барателот во фотокопија (лична карта за полнолетни, извод од родени за малолетни лица, извод од венчани, потврда за развод или посмртница за член од домаќинството);
-фотокопија од последната добиена сметка за 2021 година за потрошена електрична енергија во домаќинството;
-самците доставуваат изјава заверена на нотар со која потврдуваат дека живеат сами и со која се потврдува дека приложената документација е точна и веродостојна. Образецот на изјавата за самец можете да ја преземете ТУКА;
-фотокопија од лична карта на барателот и членовите на домаќинството (ако се полнолетни).

Барањето и потребните документи треба да се достават по пошта во затворен плик до Министерството за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр. 15, 1000 Скопје, со назнака: „Јавен оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица со ниски примања за 2022 година“, име и презиме и адреса на барателот и задолжително назнака за број на членови на домаќинството (самец, домаќинство со два члена, домаќинство со три члена, домаќинство со четири члена, домаќинство со пет члена и повеќе).

Доколку барањето е неуредно и некомплетно, Комисијата ќе бара од барателот во рок од 8 дена да го уреди и дополни.

Едно лице може да поднесе само едно барање за финансиска помош, а Министерството по службена должност преку УЈП ќе ги провери податоците.

Финансиите за јануари, февруари и март 2022 година ќе бидат реализирани во март 2022 година, а вкупното намалување за овие три месеци ќе биде изразено во следната сметка за потрошена енергија, стои во огласот и се додава дека корисниците на помош преостанатата сума на сметката за претходниот месец ја плаќаат во рокот за плаќање наведен на сметката.

Ако корисникот на помош не го плати преостанатиот намален износ на две последователни сметки, помошта ќе му биде укината.

Целиот оглас можете да го прочитате ТУКА.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот