X
 04.11.2020 Економија

Влада: 283 илјади жители ќе добијат помош од по 6.000 денари

Владата ќе им додели по 6.000 денари на 283.000 жители на Македонија кои се најпогодени од кризата, соопшти денес владиниот портпарол Душко Арсовски. Тој истакна дека за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки се издвоени 470 милиони евра. На прес-конференцијата Арсовски кажа и дека се обезбедени 54 милиони денари за наградување на здравствените работници и 70 милиони евра за субвенционирање на плати.

- Пренасочени се финансиски средства во справувањето со здравствената криза за да се обезбедат навреме вакцини, лекови и за зајакнување на здравствените капацитети, 470 милиони евра се издвоени за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки за економско заздравување и одржливост на домашната економија и за зачувување на работните места. Обезбедени се 54 милиони денари награда за здравствените работници кои се на првата линија во справувањето со пандемијата. Седумдесет милиони евра за субвенционирање на плати за 83.000 вработени за месеците октомври, ноември и декември. По 6.000 денари ќе добијат 283.000 наши сограѓани кои се најпогодени од кризата - информира Арсовски.

Арсовски се задржа и на утврдените предлог-закони за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, кои имаат цел да ги уредат законските решенија во функција на поддршка на обврзниците во справувањето со последиците од Ковид-19 и зголемување на нивната ликвидност, како и предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, кој предвидува ослободување од обврската за плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година, со што ќе се придонесе за подобрување на ликвидноста на обврзниците на данокот на личен доход по основа на остварен доход од самостојна дејност и полесно справување со последиците од ширењето на коронавирусот, во насока на имплементирање на донесените мерки од Пакетот 4 на Владата за справување со последиците од кризата со Ковид-19.

Исто така, усвоен е и предлог-закон со кој се обезбедува мерката за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица што вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, по скратена постапка, со кој се уредува начинот на распределување на финансиската поддршка на корисниците на истата преку постојна трансакциска сметка или новоотворена трансакциска сметка во банка.



Фото: vlada.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија