Како што температурите достигнуваат рекордни висини во цела Европа, последните податоци на Националната океанска и атмосферска администрација на САД (NOAA) покажуваат постојан, глобален тренд на растечки температури.
На графиконот може да се види колкав дел од Земјината површина достигнал нови рекорди на просечната месечна температура во мај годинава.
Фото: Visual Capitalist
Во текот на изминатите две децении се зголеми зачестеноста на новите рекорди на жештина. Во мај годинава на околу 7 отсто од површината на планетата биле срушени локални температурни рекорди, ниво што би било ретко пред само неколку децении.
За споредба, нови рекорди на ниски температури станаа ретки. На пример, во јануари 2024 година помалку од 1 % од површината на Земјата достигна нови рекорди на студ, што го нагласува дисбалансот во климатските екстреми.
Рекордите во високи температури не се рамномерно распоредени. На речиси 8 % од површината на океаните бил достигнат нов рекорд, додека жештината достигнала нови рекордни висини на околу 5,5 % од копното. Жешките точки вклучуваат делови од Арктикот, Канада, Западен Антарктик, Блискиот Исток и Азија. Сепак, во некои региони како Индија и Источна Европа имало температури пониски од просечните, што покажува дека локалните временски услови можат да отстапуваат од глобалниот тренд.
Ако погледнеме наназад, може да се забележи дека балансот меѓу рекордно високи и рекордно ниски температури е променет. Кон средината на 20 век почести беа нови рекордно ниски температури, но од 2000 г. рекордно високите температури доминираат речиси секој месец. Резултатите од мај годинава се продолжение на овој тренд, со тоа што во последните три години има многу месеци каде што 14-20 % од планетата достигнува нови рекорди на жештина.
Извор:
Visual Capitalist
Насловна фотографија: Freepik