Амбасадата на Јапонија во Хрватска на социјалните мрежи претстави интересно решение за борба против летните горештини - облека со вградени вентилатори.
Станува збор за технологија која во Јапонија е широко распространета и е наменета за сите што тешко ги поднесуваат високите температури.
Од Амбасадата објаснуваат дека таканаречените „клима-јакни“ всушност немаат вграден клима-уред. Наместо тоа, во долниот дел на јакната се наоѓаат два мали електрични вентилатори кои го вовлекуваат воздухот од околината.
Воздухот потоа циркулира низ внатрешноста на облеката, го лади телото и излегува низ отворите околу јаката и ракавите. Токму тоа непрекинато струење на воздухот создава чувство на пријатно ладење дури и за време на најголемите летни горештини.
Објавата на Амбасадата на нејзиниот фејсбук-профил брзо им го привлече вниманието на корисниците, па следуваа многу коментари. Еден корисник напиша дека ова е изум што можете да го видите само во Јапонија, додека друг кратко прокоментира дека Јапонците се 50 години пред сите.
Ваквата облека во Јапонија не е новост. Првите јакни со вградени вентилатори се појавија уште во 2004 година, а денес редовно ги носат градежни работници, вработени во фабрики, земјоделци, доставувачи и сите што голем дел од работното време го поминуваат на отворено.
Покрај јакните, денес постојат и панталони со вградени вентилатори, па корисниците можат да состават речиси комплетен сет за разладување.
Облеката се напојува со литиум-јонска батерија, а корисниците можат да избираат меѓу повеќе брзини на работа на вентилаторот. Во зависност од избраниот режим на работа, едно полнење трае од 8, па дури до 24 часа, што е доволно за да се издржи целиот работен ден, дури и за време на екстремни летни горештини.
Извор:
6yka.com
Фото:
Facebook