Снимките од надзорните камери во болница во јапонскиот град Кумамото го забележаа моментот кога силен земјотрес со магнитуда од 7,1 степен ја погоди операционата сала додека хирурзите оперирале пациент.
На видеото се гледа како хирурзите со своите тела го штитат пациентот на операционата маса додека сè околу нив се тресе, а медицинската опрема се поместува низ просторијата.
На снимката од 28 јули се гледа како операционата сала силно се ниша, а силата на земјотресот во еден момент фрла дел од медицинскиот тим на другиот крај од просторијата.
Двајца лекари цело време цврсто ја држат операционата маса за да го заштитат пациентот, додека светлата трепкаат, а останатите членови на тимот се обидуваат да одржат рамнотежа.
Според извештаите на јапонските медиуми, хирурзите по земјотресот продолжиле со операцијата и успешно ја завршиле.
На 28 јули земјотрес го погоди јужниот дел на јапонскиот остров Кјушу. Животот го загубија 38 луѓе, а повеќе од 120 беа повредени. Властите во префектурата Кумамото соопштија дека земјотресот предизвикал експлозија во еден трговски центар и урнал оџак од фабрика. Бројни згради се урнале, илјадници домови останале без струја, а патиштата ширум регионот испукале.
Најмалку 79.000 луѓе со денови немале пристап до вода, а 3.500 домаќинства останале без струја при температури од 35 степени. Во привремено сместување биле згрижени 9.000 евакуирани жители. Земјотресот се почувствувал сè до Јужна Кореја.
Во уривањето на трговскиот центар „Еон“ во градот Кашима загинале најмалку седум лица. Меѓу најтешко погодените подрачја бил и градот Хикава, каде што според официјалните податоци биле уништени или оштетени повеќе од 800 од вкупно 4.500 куќи. Многу жители чии домови биле уништени биле принудени да спијат во автомобилите на градските паркиралишта.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/X