10.02.2015
Образование
Професорскиот пленум му се приклучува на Студентскиот пленум во прогласувањето Автономна академска зона
Професорскиот пленум ја известува јавноста дека на денес закажаната седница на Собранието на Република Македонија од 10.2.2015 година, на која е поднесен Предлог – закон за изменување на Законот за високото образование, не е испочитувано барањето на Професорскиот пленум за одлагање на примената на целиот пакет закони за високото образование до 2018 година, вклучително законот за воспитно – образовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.
Јавноста е запознаена дека Професорскиот пленум бара одлагање на примената на целиот пакет закони за високото образование до 2018 година како неопходен предуслов за отпочнување на работата за изготвувањето на нови законски решенија. Одложувањето на примената на пакетот закони е со цел за изработка на комплетно нов пакет закони што ќе одговара на состојбите и потребите на образованието во Р.Македонија.
Со оглед на повеќепати изневерените очекувања од правно и институционално спречување на штетните пакет закони во високото образование, Професорскиот пленум ја известува јавноста дека ќе продолжи со вонинституционално делување сè до ставање во мирување на целиот пакет закони за високото образование до 2018 година.
Професорскиот пленум му се приклучува на Студентскиот пленум во прогласувањето Автономна академска зона на 11.2.2015.
10.02.2015
ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ