X
 07.11.2019 Образование

Колумна: Зошто 2014 е револуционерна за студентите?

Зборот револуција има многу силно значење и многу често се употребува за да опише некаков општествен преврат (премин од едно општествено уредување во друго). Овој општествен преврат не секогаш и не секаде е со истиот интензитет. За Македонија тоа последен пат било во 1941 година, токму на празникот што го одбележавме, 11 Октомври.
Тежината на овој празник е толку голема, што историски може да се земе како најбитниот датум во современото постоење на државата.

Апатијата што потоа 70 години го имаше обземено македонскиот народ да преземе конкретна политичка акција се разруши кога падна митот дека свиена глава сабја не сече – токму за време на студентските протести во 2014/2015. Таа академска година за сите што одеа низ холовите, аулите и предавалните на факултетите беше посебна, дури и воздухот што го дишевме се смени. Една парола која често одекнуваше тогаш многу убаво ги опишува важноста и значењето на самата студентска побуна, а тоа е дека ОТПОРОТ Е ПОБЕДАТА. Самото тоа што постои отпор кон инстанциите на власт во општеството е еден вид победа затоа што дотогаш отпорот бил само мисловна категорија за многу генерации студенти.



Како и секој голем конфликт, и студентското движење имаше своe прво домино што падна. Во таа 2014 година тоа беше државниот испит, испитот беше само повод за разбудување на студентите од апатичниот дремеж. За години и години молк, неколку месеци на општ отпор се револуција, токму и затоа насловот на оваа колумна е дека 2014 е револуционерна година. 10 000 студенти кои маршираат по улиците е општествен преврат, токму поради тоа што никогаш немало толку голем студентски, но и општ марш за бранење на достоинството на една група. Мерилото со кое приоѓаме кон овој феномен што ги зафати студентите таа година е соодветно за да даваме вакви високи квалификации. За секој што не бил дел од тоа, или бил на спротивната страна, целото движење може да е преувеличување или една обична фарса, со оглед на тоа ако го мери резултатот или недостигот на промени кои дојдоа потоа. За резултатите ќе се фокусираме во другиот дел од ова писание, сега фокусот е на промената која во самиот момент се случуваше.
Самите настани се сведоштвото за големите збиднувања, самото раздвижување е победата.

За да избегнеме да бидеме носталгични или поетични, тука би се задржале на неколку факти. 10 декември 2014 година се случува најголемиот марш во историјата на современата историја, во периодот од февруари до март 2015 се случува првата автентична студентска окупација на факултет, се бојкотира наставата, студентите првпат се вклучени во процесот на донесување закон кој директно ги засега нив. Навидум мала, но во ретроспектива голема турбуленција во постоењето на сите политички инстанции, од Ректоратот до Министерството, до самиот премиер, сите се вклучија во јавната расправа што ја покренаа студентите. Од 10 студенти со желба да променат нешто, до средба со претседателот за само неколку месеци - говори за силата на студентите како фактор за промени во едно општество.

Секоја прва вест на сите телевизии и весници започнуваше со два збора: СТУДЕНТСКИ ПЛЕНУМ. Без да се фетишизира или идолизира тоа име и сите работи што се случуваа околу него, импактот што тој го имаше не смее ниту малку да се занемари и е движење кое го заслужува вистинското место во историјата.

Така како што сега се присетуваме на револуционерната 1941, да не заборавиме дека имаме и една многу поблиска револуционерна година на која треба да ѝ даваме исто така значење, а тоа е 2014 година. Месецов ќе се обележат и 5 години од првиот студентски марш (17.11), па оваа колумна е како своевиден прелудиум да ја одржува меморијата жива за нешто што потенцијално може да послужи како инспирација за идните студентски потфати.

Пишува: Кирил Дончов, поранешен студентски активист и наставник

ПРОДОЛЖУВА...

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование