X
 14.09.2015 Образование

Скапо бесплатно образование - по 5.000 денари за клими, шкафови, телевизори...


 
Клима уреди, завеси за во училниците, цд-плеери, телевизори, шкафчиња за сите деца... Ова се само некои од „крупните” предмети кои некои родители иницираат да се купат за во училиштата, а кои треба да им служат на учениците додека се на настава. Вакви барања има најчесто во паралелките за целодневна настава, бидејќи таму децата поминуваат многу повеќе време одошто нивните врсници во класичните паралелки. Бидејќи трошоците треба да се поделат, некои незадоволни родители велат дека кога ќе се собере сумата која на куп треба да ја дадат за да се набават сите овие работи, излегува дека треба да се одвојат околу 5.000 денари по дете.

Набавка на сето ова законски не смеат да бараат наставниците или менаџментот во училиштето, но вакви донации не се забранети ако доаѓаат од родителите. Сепак, овие иницијативи на родители-поединци ги револтираат останатите мајки и татковци кои не се во можност да издвојат толку пари од семејниот буџет.

- Јас дома не користам клима уред за моите деца и токму затоа не се согласувам таа да се користи ниту додека се на училиште. Се прашувам, има ли некаква контрола на тоа, што е неопходно да се купува, а што не е? Училиштето во кое учат моите деца е ново, изградено неодамна, па сметам дека нема потреба да се претерува бидејќи не секој е во можност да плати за сето тоа. Родителите на дечиња што учат со моите, сметаат дека сите овие работи се неоходни, а еве јас не мислам така - вели родител чии деца учат во едно скопско основно училиште.

Наставниците пак, велат дека тие не смеат да се мешаат во ваквите случаи.

- Самите родители проценуваат што ќе набават, нас не` прашуваат само за мислење – дали нешто е скапо, колку е потребно, дали некое конретно нагледно средство ни треба во наставата и слично. Но, одлуката дали и од каде ќе купат, е на самите родители. Кај нас во училиштето минатата година се купуваа шкафчиња, а секој родител издвои по 1.000 денари за тоа. За опремување на училницата, ако нешто ни недостига, а ни е потребно, се собираат пари од базари кои ги организираат учениците, наставниците и родителите. Децата изработуваат украсни предмети кои потоа ги продаваат, па од парите се купува нештото што ни е потребно - вели наставник.

Сега, на почетокот на учебната година се бара од родителите да набават и тоалетна хартија, влажни марамчиња, течни сапуни за нивните деца. Исто така, на списоците што им ги даваат наставниците на децата и на родителите, пишува и дека за на часовите треба да имаат и водени боици, блокови, дрвени боици и други средства кои им се потребни за да се реализира наставата.

Директорите на училиштата како и одговорните во Министерството за образование и наука досега повеќепати нагласиле дека родителите немаат законска обврска да купуваат за училиштата и дека никој не смее тоа од нив да го бара.
Подготвил: Факултети.мк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование