X
 09.10.2015 Образование

Што мисли јавноста? - Еден екстерен тест не може да даде објективен резултат


   
Екстерното тестирање не ги дава очекуваните резултати кога станува збор за мерење на објективноста на оценките на наставниците. На начин како што сега се реализира, не треба да постои. Без разлика на тоа дали ќе се вика екстерно тестирање или некако поинаку, има многу други начини како да се провери објективноста, а тоа да не биде на штета на учениците како што е сега.

Ова е заклучокот од резултатите од анкетата која изминативе денови ja спроведе „Факултети.мк”, а во која учествуваа точно 901 испитаник. Пред неколку дена, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми рече дека сакал да ги чуе сите засегнати страни за да на крајот се види каков модел на проверка ќе биде најприфатлив за сите.

РЕЗУЛТАТИТЕ НЕ СЕ ВЕРОДОСТОЈНИ

На прашањето, Дали сметате дека се веродостојни резултатите што ги дава оваа реформа?, 92,4 отсто (810) испитаници одговориле со Не, 6 отсто од нив (53) одговориле со Да, а ниту едниот ниту другиот одговор го избрале 1,6 отсто од испитаните (14). Дали сметате дека досегашната реализација на екстерното тестирање ги дава очекуваните резултати? На ова прашање 92 отсто од учесниците во анкетата одговориле Не, 6,3 отсто одговориле со Да, а 1,7 отсто не се изјасниле по ова прашање.

Пред извесно време, Синдикатот за образование, наука и култура предложи наместо еден единствен тест на крајот на учебната година, екстерни тестови учениците да полагаат на крајот по секое тримесечие. Во анкетата имаше прашање токму и за овој предлог, односно прашањето беше Дали сметате дека е добар предлогот на СОНК учениците да полагаат тест на крајот на секое тримесечие? Учесниците одговориле вака: 76,8 отсто (676 лица) не се согласуваат со предлогот, 19,2 отсто (169) се согласуваат да се воведе ваков начин на проверка на знаењата, а 4 отсто (35) не се изјасниле по ова прашање.

АКО „НЕ” ЗА ЕКСТЕРНО, ТОГАШ „ДА” ЗА ШТО?

Учесниците во нашата анкета ги прашавме како според нив треба да се проверува објективноста на оценките што ги пишуваат учениците. Добивме најразлични и многу интересни одговори и предлози, а главниот заклучок е дека мнозинството сепак е на став дека не може целокупниот ангажман на ученикот кој тој го има низ целата учебна година, да се измери само преку еден единствен тест.

„Kaко се проверува објективноста на дијагнозите на лекарите во државното здравство? Како се проверува објективноста на судиите и јавни обвинители? Зошто се проверува објективноста на оценките само на наставниците од државните и општинските училишта? Може да се провери дали наставниците ги научиле нешто своите ученици така што тие самите нема да учествуваат во оценувањето. За такво нешто треба многу повеќе од тест со заокружување на крајот од годината”, вели еден учесник во анкетата.

Друг, пак, предлага: „Објективноста може да се провери со ротација на наставниците од различни училишта кои ќе го проверуваат знаењето преку испрашување и тестови. Потоа би се направило споредба на резултатите. Притоа не треба да се казнуваат наставниците и учениците со намалување плата или оценки, туку да се менува начинот на кој се предава и програмата по која се работи.”

„Би можеле да најдат други соодветни начини, има соодветни органи во државата кои можат да најдат решение на оваа тема, бидејќи очигледно екстерното не е решение. Не само што нема никаква исправност во тестирањето, се` се одвива наместено, на пример, наставници влегуваат во училницата за време на тестот и му помагаат на конкретрен ученик да ја извади оценката што ја има во дневник. Екстерно не!”

ДA СЕ ДАВААТ НЕНАЈАВЕНИ ТЕСТОВИ

Друг испитаник вели дека треба да се проверат методите на оценување на наставниците, тестовите кои ги направиле учениците, устните одговори и останати активности (проекти, домашни задачи и сл.) и сето тоа да се спореди со напишаната оценка. Трет пак, смета дека по секое тримесечие треба да има екстерно, но без претходно да се дадат прашањата, за да може тие што „имаат врски” да „паднат” на тестот, а тие што реално си учат, да положат.

- Објективност не се мери со екстерно тестирање затоа што учениците цела учебна година се мачат со испрашувања, тестови, домашни работи, проекти и 300 чуда, за на крај преку еден тест да се оцвени објективноста? Која објективност е таа? Препишување, поткажување и уште не знам што? Тоа ли е објективност? - прашува еден анкетиран.

Друг пак, предлага да се воведе ненајавен екстерен тест, а резултатот да не влијае на конечната оценка на ученикот. Исто така, неопходно е да се најде начин да се провери колку наставникот/професорот умее да го пренесе знаењето.

„Нека си најдат друг начин, можеби да се даде еден тест од три до пет прашања на раскажување, а резултатите да не влијаат врз просекот на ученикот. Истиот тест нека го прегледа и професор и некој од надлежна институција, по исти критериуми”.

Еден од учесниците во анкетата за екстерно тестирање на „Факултети.мк”, смета дека со проверката на објективноста на оценките, се нема доверба во наставникот.

„Немањето доверба во наставникот не е проблем на учениците и во никој случај ученикот не треба да биде тест моделот за оваа проверка. Во науката постои нешто што се нарекува peer review а тоа значи преглед од колегите, од современиците и тоа да биде анонимен преглед. Така би требало да се проверува методот на оценување на наставникот, односно да се насочува. Треба да тргнеме кон проблемот од конструктивна гледна точка”.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование