Талентираната Ѓорѓина Цениќ од Македонија влезе во друштвото на најмлади доктори на науки во образовниот систем на Словенија откако на Институтот „Јожев Стефан“ во Љубљана, пред меѓународна комисија составена од професори од универзитети од Франција, Холандија и Словенија, ја одбрани својата докторска дисертација.
Ѓорѓина магистрира на Институтот „Јожев Стефан“, а дипломира со висок просек на Факултетот за информациски технологии во Скопје (ФИНКИ).
- Самата возраст нема големо значење за мене. Јас сум најмлада во своето опкружување уште од основното училиште, кога го прескокнав второто одделение. Фактот дека сум помеѓу најмладите доктори е, пред сè, резултат на континуирана студиозност и посветеност кон образованието, кои се развија како последица на интровертноста и фактот што ретко сум се вклопувала во средината - ги сподели првите впечатоци Ѓорѓина Цениќ во разговор за Факултети.мк.
Поттикот секогаш го наоѓала во себе и во сопствените стандарди за успех. Титулата доктор на науки не ја гледа како крајна цел, туку како потврда дека е на вистинскиот пат и како основа врз која може да се гради понатаму.
- Таа ми носи и поголема одговорност да продолжам да работам темелно, да бидам доследна во квалитетот и да придонесувам со истражувања што имаат реална научна и општествена вредност. Воедно, ова ми е и лична мотивација да останам љубопитна и отворена за нови предизвици затоа што науката не дозволува комфорна зона. Секој резултат отвора нови прашања, нови насоки и потреба за постојано учење. Она што најмногу ми значи е сознанието дека со трпелива работа и јасна визија може да се стигне далеку - дури и кога патот не е типичен, дури и кога не си најгласниот во просторијата - истакна Ѓорѓина.
Областа во која денес работи не би ја дефинирала строго како математика, повеќе е машинско учење.
- Иако математиката ми беше главна пасија во детството, поради помалите можности за вработување со математиката како главен фокус, одлучив да се насочам кон област која е поприменлива и нуди повеќе различни опции за развој на кариерата. Сè уште ја имам детската љубопитност и радост при решавањето некој проблем и откривањето нови предизвици, и сметам дека ова се основни предиспозиции за истражувачки професии, кои се развиваат преку математиката во формативните години - открива Цениќ.
Своето додипломско образование го завршила на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) со висок просек. Врз основа на нејзиниот ангажман и резултати за време на четиригодишното високо образование во Македонија, била контактирана од страна на д-р Томе Ефтимов од Институтот „Јожеф Стефан“ да аплицира за стипендија и да продолжи со вториот циклус на студии во Словенија.
- Затоа мислам дека Словенија ме избра мене, а јас ја прифатив можноста што ми беше дадена. Немав многу информации за животот во Словенија и главно бев водена од добриот впечаток што ми го остави Томе, придружен од советите „млада си, пробај си ја среќата“. Во рок од две недели успеав да завршам со бранењето на дипломската теза, аплицирав за стипендијата и се преселив во Словенија. Таа одлука беше доста избрзана и непромислена, но дефинитивно стана пресвртна точка во мојот живот. Имав среќа да бидам во добра група и да имам целосна поддршка од менторите д-р Томе Ефтимов и проф. д-р Барбара Короушиќ Селјак, што е од особено значење. Воедно, во мојата група има и повеќе Македонци со слични ставови и интереси, што дополнително придонесува да се чувствувам прифатено и како да сум дома - сподели младата докторка на науки.
Според нејзиното искуство, словенечката академска средина е поорганизирана и постабилна, со поконзистентна поддршка за истражување.
- Постојат активни национални и ЕУ-проекти и има реални механизми за покривање на трошоците за публикации, котизации и патувања на конференции, како и пристап до опрема и функционална инфраструктура. Се поттикнува објавување во реномирани списанија и конференции, работа во меѓународни тимови, размени и гостувања, а менторството и развојот на помладите истражувачи се сфаќаат посериозно. Иако и тука има конкуренција и бирократија, генерално има чувство дека системот е поставен така што ти овозможува да се фокусираш на квалитетна работа и видливи резултати - откри Ѓорѓина.
Словенечкиот образовен систем нуди доста добри услови за студирање и обезбедува стипендии за најдобрите студенти. До пред 2-3 години постоеле и стипендии за студенти од Балканот, финансирани од страна на организацијата „Ад Футура“.
Ѓорѓина се преселила во Словенија благодарение на таква стипендија, која целосно ѝ ги покрила мастер-студиите и трошоците за живот во текот на тие две години.
- Научната и истражувачка дејност активно се следи преку системи за бодирање и рангирање на ниво на публикации, истражувачи и научни установи. Постојат и награди и признанија за научноистражувачки трудови и менторство. Словенија се труди да ги задржи талентираните кадри и на младите истражувачи на докторски студии кои имале посебен придонес во науката им овозможува добивање државјанство по скратена постапка. По таа основа, една година по запишувањето на докторските студии добив словенечко државјанство, кое ми отвора нови можности за понатамошно вработување низ Европа. Од друга страна, платите во јавниот сектор и во академијата се прилично просечни, но таква е ситуацијата низ поголемиот дел од Европа. За многумина, причината да останат во академијата не се финансиите, туку љубопитноста, слободата да истражуваат и чувството дека придонесуваат со знаење што има подолгорочна вредност - потенцира Цениќ.
Единствено што ја влече во Македонија е семејството, но сепак Ѓорѓина во моментов не размислува за враќање затоа што има впечаток дека Словенија нуди подобри услови за работа и развој во нејзината струка.
Таа го сподели искуството како студент во последната година на ФИНКИ пред да се пресели.
- Размислувајќи за планови за кариерата по завршувањето на додипломските студии, опциите што ми беа на располагање во Македонија беа продолжување во академските води или вработување во ИТ-индустријата. Гледајќи ја состојбата на универзитетот, неколку пати ги одбив добронамерните понуди на професорите да работам како демонстратор од повеќе причини, како фактот што ФИНКИ сè уште нема сопствена зграда (и покрај тоа што низ Скопје се изградија многу нови објекти); дел од наставниот кадар работи во несоодветни, подрумски и тесни канцеларии, многумина се принудени паралелно да работат и во компании; буџетите за истражување често не покриваат ниту основни трошоци како котизација за реномирани конференции, а позициите посветени исклучиво на истражување се ретки - истакна таа.
Во текот на студиите се соочила со ограничувањата на системот откако универзитетот немал доволно средства да ги покрие трошоците за објавување нејзин труд на Web Conference 2020 во Тајван, па тоа го направила компанијата во која тогаш работела (Нетцетера).
- Ова е само еден пример, но верувам дека многу колеги што останаа во академската средина се соочуваат со слични предизвици на дневна основа. Од друга страна, во изминативе пет години на Институтот „Јожеф Стефан“ имам објавено трудови на 22 конференции, во 12 журнали и сум ја презентирала својата работа насекаде низ светот, вклучувајќи конференции во Европа, во Кина, Јапонија, Сингапур, Австралија, Америка и Мексико. Притоа, сите патни трошоци и трошоци за публикација беа покриени од страна на Институтот, без никакви проблеми. Сигурна сум дека и во Македонија има многу талентирани и добро образовани студенти кои би ги постигнале истите и подобри резултати доколку им се дадени истата можност и поддршка - сподели Ѓорѓина.
Минатата година имала можност да го посети Универзитетот Лајбниц во Хановер, каде што истражувачките тимови имаат канцеларии во вистинска палата, што е силен контраст во однос на искуствата што ги памети од дома.
- За мене, тоа е показател колкав приоритет им се дава на науката и истражувањето, во рамките на поширокиот општествен контекст. Ова е особено жално бидејќи во Македонија има извонредни кадри и навистина квалитетни студенти, кои со соодветна поддршка би можеле да постигнат уште повеќе. Поради ваквите причини, ја отфрлив идејата за продолжување на мастер-студиите во Македонија и во последната година од студиите се вработив како софтверски инженер. По неколку месеци сфатив дека во Македонија, во тој период, сум блиску до максимумот на можностите што ми беа достапни за позабележителен напредок во мојата струка - истакна Цениќ.
Сепак, како млад човек со силна мотивација и со само 21 година, почувствувала потреба да продолжи во средина со поголем простор за раст и поголема изложеност на предизвици.
- Се преселив во Словенија. Тука пронајдов поголема стабилност, подобри услови за работа и поквалитетно секојдневие. Македонија секогаш ќе ми биде во срцето и сакам да слушам позитивни вести, но за жал најчесто добивам обесхрабрувачки информации. Покрај ограничените професионални можности, често се споменуваат и проблемите со загадувањето, корупцијата и нефункционалните институции кои го кочат напредокот и ги демотивираат младите луѓе што сакаат да останат или да се вратат. Благодарна сум за образованието што го стекнав во Македонија, и на луѓето што ме поддржале на тој пат - професорите, менторите и пријателите. Токму тие темели ми помогнаа да стигнам дотука и да ја искористам можноста што ја добив. Благодарна сум и на семејството за довербата и трпението бидејќи ваквите одлуки се тешки и лични. Се надевам дека во иднина ќе има повеќе услови и причини за добри вести - за младите да чувствуваат дека трудот им се цени и дека вреди да се инвестира енергија и знаење дома - заклучи 26-годишната докторка на науки.
Ѓорѓина е задоволна од работата и професионалниот развој во Словенија, но е отворена за нови можности ако се појави добра шанса што ќе ѝ овозможи квалитетна научна работа, професионален напредок и здрава средина.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.